Со преземањето на функцијата на 20 јануари, американскиот претседател Доналд Трамп започна со акции за депортација на мигранти без дозвола за престој во САД и покрај бурните реакции на здруженијата за човекови права. На листата на мигранти со конечни наредби за депортација се и 341 македонски државјанин. Овие податоци се од Имиграција и царина на САД (ИЦЕ) од ноември 2024 година, објавени од ФОКС телевизијата.
На листата за депортација се вкупно 1,445,549 граѓани од над 200 земји од светот, меѓу кои и од Македонија и земјите од регинот. Се проценува дека 11 милиони мигранти без документи живеат во САД.
Според објаснувањето на Имиграција и Царина на САД има повеќе причини зошто овие странци се’ уште не се депортирани. Најчесто тоа е поради тоа што им се решаваат барањата за азил, се повикале на Конвенцијата за заштита од тортура или се водат некои други постапки.
Освен тоа, некои земји воопшто не покажале воља за соработка со САД во депортацијата на нивните граѓани.
„Недостаток на соработка од странство владата го одложува и, во многу случаи, го инхибира процесот на отстранување. Владата на САД бара странските влади да преземат соодветни чекори за да го потврдат државјанство на недржавјанки за кои постои сомневање дека се нивни државјани, што вклучува и водење интервјуа, навремено издавање патни исправи и прифаќање на физичкото враќање на нивните државјани со редовни комерцијални или чартер летови во согласност со ИЦЕ и/или упатства за отстранување на странска влада. Недостигот на соработка од земјите во прифаќањето на враќањето на нивните државјани може да доведе до ICE класифицирање на тие земји како некооперативни или изложени на ризик од неусогласеност. Во моментов, ИЦЕсмета дека се 15 земји некооперативни а 11 земји се изложени на ризик од неусогласеност, пишува во официјалната информација од Имиграција и Царина на САД.
Како што објави Гласот на Америка (ВОА), „американскиот Конгрес веќе донесе построг закон за миграција. Според законот, мигрантите без важечки статус на престој сега треба да се држат во центри за имиграција не само за тешки кривични дела, туку и за помали прекршоци – на пример, кражба во продавници. Во првата недела од вториот мандат на Трамп, беа уапсени речиси 2.400 мигранти, американската агенција за заштита на границите ИЦЕ (Имиграција и царина на САД) сега ги објавува новите бројки. Се вели дека апсењата првенствено се насочени кон имигрантите со криминални досиеја“, според ВОА.
Медиумот ја објаснува постапката за протерување на нелегалните мигранти – по апсењето, американски суд одлучува за депортација на мигранти кои немаат валидни документи за престој. Доколку се донесе одлука за нивно депортирање, тие се носени во нивните земји на потекло со авиони на американската армија или цивилни авиони и ќе бидат предадени на тамошните власти.
Стратегијата на Трамп е да го зголеми бројот на апсења и да ги врши депортирањата уште побрзо. Една од неговите први активности беше затворањето на апликацијата CBP One, која им дозволуваше на мигрантите да поднесуваат барања за азил и да закажуваат состаноци преку интернет. Како резултат на исклучувањето, беа откажани и термините за азил кои веќе беа договорени.
Трамп веќе наложи нашироко познатиот затвор Гвантанамо да биде местото за сместување на илегалните мигранти. Но, не сите во Америка се согласуваат со ваквата политика на Трамп. Има градови и региони кои се прогласија како градови – прибежишта на мигранти.
Извор: ВОА/ФОКС