Иницијативата „На точак“ во повикот за денешниот протест во 13 часот на Булеварот „Партизански одреди“ на местото каде беше прегазена Фросина Кулакова, ги стави фактите на едно место.
Сите три случаи се исти: На истиот булевар девојка прописно преоѓа преку пешачки премин, а младо момче со непрописна брзина ѝ го одзема животот.
– Во 2015 на Фросина Цековска ѝ го одзедоа животот на „Партизанска“ кај „Ленинова“.
– Во 2022 на Викторија Николова ѝ го одзедоа животот на „Партизанска“ кај Сити Мол.
– Во 2025 на Фросина Кулакова ѝ го одзедоа животот на „Партизанска“ кај Универзална Сала.
Ова се само 3 случаи од стотиците сообраќајни удари и судари кои се случуваат на овој булевар годишно. И уште илјадници низ целата земја, од кои огромен број се со кобни последици.
Иницијативата „На точак“ прашува:
„И што е сменето во овие 10 години? Дали коловозните ленти на Партизанска се стеснети? Дали е ставен фокус на младите момчиња како целна група која непрописно вози и (според светски истражувања) најчесто е виновна за сообраќајните прекршоци и судири со тешки последици? Дали казните се посериозни? Дали е воведен Безбеден град системот за казнување? Или сите работи добро ги знаат оние кои треба да ги спроведат, но поради политичка волја решаваат да ги одложат до некое наредно време, до нечиј туѓ мандат, се со цел да не се изгубат политички поени? А во меѓувреме не се губат поени, но се губат животи, има нови жртви, нови семејства завиени во црно. Зошто не му текна на некој да собира поени на безбедноста?, прашува Иницијативата.
Понатаму потсетуваат дека денеска се организира протест во чест на загинатата Фросина во 13ч на раскрсницата кај Универзална Сала.
„Изразуваме сочуство на семејството на Фросина.Но се додека не се смени дизајнот и начинот на казнување ќе има уште одземени животи. Затоа бараме:
1.Веднаш да се стави употреба системот Безбеден град. Да не се одложува ни ден.
2.Секој булевар кој во моментов се реконструира или изведува да се изведе со коловозни ленти од 3 м широчина или помалку
3.Партизанска и секој друг булевар да се редизајнира со потесни ленти за при наредните реконструкции да се изведат со максимална 3м широчина. По една ленти да се намени за јавен превоз, да се издвои физички што ќе створи коридори од 2 ленти по 3 метри за автомобили (наместо 3 ленти по 3.5 метри) во кои нема да може да се лудува. Да се зголеми просторот за пешаците. Убијците во сообраќај строго да бидат казнувани, зашто во голем број случаи не се работи за „несреќи“ (случајни настани). Да се вози автомобил со брзина над дозволената, а уште повеќе над 100 км/час во градска средина, е исто како да се излезе со автоматско оружје со рафален истрел и да се пука наоколу. Дури и кога нема да убиеш некого, тоа е еднакво на обид за убиство и така треба да се третира од правосудството“, реагираат од „На точак“.