Oсновното јавно обвинителство Скопје донесе Наредба за спроведување истражна постапка против едно лице осомничено за – Тешки дела против безбедноста на луѓето и имотот во сообраќајот од член 300 став 2 во врска со член 297 став 1 од Кривичниот законик.
-Осомничениот 20-годишник, на 29 јануари, како учесник во сообраќајот на јавните патишта, управувал патничко возило „Пежо 207“ сопственсот на неговиот татко по десната сообраќајна лента од бул.„Партизански Одреди“. Меѓутоа, не се придржувал кон прописите и со тоа го загрозил јавниот сообраќај. Автомобилот го управувал без возачка дозвола и под дејство на алкохол со 0,82 промили присуство на алкохол во урина, со што го довел во опасност животот на луѓето. Кога дошол пред обележан пешачки премин на крстосницата со ул.„29-ти Ноември“, не ја приспособил брзината на движење на возилото спрема својствата и состојбата на патот и сообраќајот и другите сообраќајни услови за да може навремено да го запре возилото пред секоја пречка, информираат од ОЈО и додаваат:
-Пред пешачкиот премин регулиран со семафори кои за време на незгодата работеле исправно, продолжил со движење на вклучено црвено светло на семафорот и со предниот лев дел од возилото удрил во телото на пешакот-жртва Фросина Кулакова, која на обележан пешачки премин попречно ја преминувала коловозната лента. Од ударот оштетената се здобила со тешки телесни повреди од кои на лице место починала.Јавниот обвинител до судијата на претходна постапка од Основниот кривичен суд Скопје достави предлог за определување мерка притвор за осомничениот, се вели во информацијата од ОЈО.
Но, по написите дека судот го штител лицето кој ја усмрти 22-годишната Фросина, ОЈО Скопје се огласи со ново соопштение во кое се вели:
„Во врска со медиумските написи поврзани со претходните постапки за лицето осомничено за сообраќајната несреќа на “Партизанска”, обвинителството појаснува дека ОЈО Скопје поднесе обвинение со предлог за продолжување на мерката притвор која по предлог на обвинителството беше определена од самиот старт на постапката, и тоа за две кривични дела од член 215 од Кривичниот законик – Неовластено производство и пуштање во промет наркотични дроги, психотропни супстанции и прекурсори. Основниот кривичен суд Скопје донесе пресуда со која на обвинетиот му изрече – заводска мерка упатување во воспитно -поправен дом Тетово, третирајќи го сторителот како помлад полнолетник. Во текот на целата постапка, токму по предлог на јавниот обвинител лицето беше во притвор, а при изрекување на пресудата Судот ја укина притворската мерка за обезбедување. Незадоволен од пресудата, имајќи го притоа предвид и претходното поведение на сторителот, јавниот обвинител вложи жалба и предметот е во жалбена постапка, се вели во соопштението.