Министерот за спорт, Борко Ристовски, денеска во Штип, одговарајќи на новинарско прашање за финансирањето на клубовите од третите фудбалски лиги, соопшти дека од блиска иднина ќе се укинат субвенциите за сите спортски клубови од третите лиги.
- Ние како Министерство за спорт цениме дека субвенционирање на Трета фудбалска лига воопшто не треба да има, во ниеден спорт, не само во фудбалот, затоа што ние не сме држава која што имаме буџети, не знам којзнае колкави, па да може да си дозволиме и на крај на денот, не гледаме никаква економска исплатливост во тоа да финансирате трета лига, без разлика дали станува збор за фудбал, кошарка, ракомет, одбојка или било кој друг спорт. Мислам дека треба, наместо тој квантитет од три лиги, да се сконцентрира во прва и втора и да се направи една стратегија. Ние имавме во текот на вчерашниот ден, иницијален состанок со претседателот на фудбалската федерација, и направивме начелни некои договори како ќе изгледа субвенционирањето во фудбалот конкретно. Што е уште поважно ние веќе имаме еден таков стратегиски договор со одбојкарската федерација, во наредниот период ќе имаме и со ракометната и со кошаркарската, со фудбалската веќе го остваривме. Мора да има една заедничка стратегија, што ќе финансира државата, затоа што знаете и сами, во изминативе 7-8 години, се финансира спортот, меѓутоа апсолутно никаков напредок нема. Ако вие сакате да имате спорт како до сега, треба да го финансирате како до сега. Ние не сме за финансирање како до сега, значи некои работи мора да се променат, и во начинот на функционирање и во начинот на функционирање со субјектите кои што ги добиваат тие средства, затоа што има многу голем број на проневери, сето тоа се истражува, досега имаме откриено барем десетина малверзации, ќе ги објавиме кога ќе заврши истрагата, меѓутоа на крај на денот, сите мора да сфатат – и трета лига и втора лига и фудбал и генерално спортот, мора да сфати дека спортот не е социјална мерка, спортот не е земјоделие па да финансираме се и сешто, мора да се знае во државата што се финансира, начинот на којшто се финансира и кои бенефити ќе ги видиме од финансирањето. Откако е ваучерот воведен, 7-8 години спортот е буквално на ниво на, не знам, никакви резултати нема, никакви успеси нема, нити се развива, зголемување немаме на млади деца. Сите само отвараат клубови за да ја добиваат таа помош од државата, што мислам дека е апсолутно погрешно и ние тој начин сакаме да го смениме, нормлно во интерес на спортот и на крајот на денот ќе бараме резултати за се она што е добиено од државата или ќе го добиваат во иднина, вели Ристовски.