Од вкупно 14 планирани затворени базени, најавени во 2019 година, по 6 години готов е само еден, тој во Тетово. Проектот на поранешната Агенција за млади и спорт заглави во низа проблеми, а сега Министерството за спорт преку интервенции ќе ги доградува со динамика, според која, се планира да бидат комплетирани сите до крајот на летото 2025.
- Од тие 14, еден е завршен само, мислам дека во Тетово, сите други се останати. Ние, со економскиот оператор, којшто ги има добиено овие 5 базени, постигнавме договор да ги завршиме сите до крајот на летото. Со останатите економски оператори коишто ги имаат добиено останатите базени, ќе разговараме, еднаш веќе имавме состанок, во наредниот период ќе имаме уште еден состанок за да ги испегламе сите оние недостатоци кои што ги има, затоа што има недостатоци од проектирање до застој финансиски, на луѓето не им било плаќано, до реализација, што е логично само по себе, така да има доста работи коишто треба да се решат, ние сме спремни на тоа и наредниот период ќе излеземе со информации за останатите базени, изјави денеска на прес конференција во Штип, министерот за спорт, Борко Ристовски.
Во ноември 2024 беше објавена информација дека е готов и оној во Струга, но него денеска министерот не го спомена.
Во септември 2021, тогашниот директор на Агенцијата за млади и спорт, Наумче Мојсоски, информираше дека шест пливачки базени се започнати во 2020 година, а за четири, тогаш, во тек била тендерска документација со рок на изведба од 18 месеци.
Тогаш Агенцијата за млади и спорт извести дека во иста фаза на изградба се базените во основното училиште „Димитар Поп Георгиев Беровски“ во општина Ѓорче Петров, во општина Кисела Вода, во основното училиште „Невена Георгиева – Дуња“, како и во Штип во Спортскиот рекреативен центар Суитлак каде тогаш беа поставени челични конструкции и фасадни панели. Тогаш беше најавено дека се монтираат фасадни панели на базенот во општина Кичево со локација во кругот на училиштето „Санде Штерјоски“ и детската градинка „Ластовички“.
Цената за изградба на еден затворен базен, според министерот варира и не истакна колку чини изградбата на штипскиот базен, а според податоците од 2020, на започнувањето на изградбата на затворениот базен во Ѓорче Петров, проекцијата била дека ќе чини 38 милиони денари.
- За секој базен се различни цените, не можам конкретно за овој базен да ви кажам која е сумата. Сумата од базен до базен варира. Од кои причини треба вештачењето да утврди, меѓутоа, како и да е, ние без разлика на се, сите оние заостанати проекти, коишто беа оставени да бидат ругло во општеството, ќе ги завршиме без разлика на тоа колку и да чини тоа, нормално внимавајчи сресдтвата да се трошат правилно и во интерес на граѓаните, додава министерот Ристовски.
Координацијата меѓу Министерството за спорт и операторите кои работат на штипскиот базен, според министерот, сега ќе се одвива на неделно ниво.
- Ќе правиме максимални напори, во неделни координации со економскиот оператор, за да овој базен биде завршен до крајот на следнте два месеци или пред почетокот на пливачката сезона, да биде пуштен во употреба за да може сите дечиња и рекреативци од пливачките школи да имаат бенефит на крај од сето ова, кое што беше заглавено повеќе години заради икс причини, коишто не би сакал да ја оптоварувам јавноста со тие детали, подвлекува Ристовски.
(М.К.)