Пратеници на опозициските партии СДСМ и Левица покренуваат иницијатива за свикување Надзорна расправа во рамки на Собранието, на која би се расправало за мерките и активностите што би се спровеле во насока на подобрување на состојбата со загадувањето на воздухот.
Како што посочи пред медиумите пратеникот Оливер Спасовски од СДСМ, таа иницијатива произлегува од како што рече, поразителните резултати за квалитетот на воздухот.
Интенција е, како што појасни, во рамки на Парламентот преку деловнички и законски инструменти да се разговара за прашањето за животната средина, а како прашање што ги засега сите граѓани без исклучок, би требало да ги обедини сите пратеници во Собранието.
– Зачувувањето на животната средина како темелна вредност гарантирана со Уставот, а е дел од корпусот економски, социјални и културни права, не тангира секој од нас поединечно и сите нас заедно. Одговорноста пред се на пратениците е заеднички да разговараат и изнајдуваат решенија и да се преземат конкретни мерки за зачувување на животната средина, рече Спасовски.
Пратеникот на Левица, Борислав Крмов, по однос иницијативата истакна дека се работи за позитивен преседан, прв пат со потпис од 15 пратеници да се побара да се свика надзорна расправа.
-Еден од најпоразителните податоци е тоа дека 11,6% од новороденчињата умираат заради загаден воздух, односно секое деветто бебе. Затоа ја свикавме оваа надзорна расправа. Треба да видиме како се спроведуваат политиките за заштита на воздухот, како се извршуваат законите, и што понатаму треба да преземат надлежните одргани за ова горливо прашање” – рече Крмов од Левица.
Како статистика тој посочи поразителни резултати, нагласувајќи дека само за две години во периодот од 2018 до 2020 се регистрирани жртви на аерозагадувањето. Тоа е, како што рече, речиси четири илјади луѓе или 18 проценти од вкупната смртност кај населението.
Тој рече дека иницијативата за свикување надзорна расправа по прашањето е со цел да се види како се спроведуваат политиките за заштита на воздухот, како се спроведуваат законите и кои се мерките што се преземаат од страна на надлежните органи по прашањето.
МИА/Левица