Жените и мажите, се чини, во иста мера имаат слабост кон помлади партнери, на начин што многумина не го ни забележуваат, според ново истражување спроведено во САД. Имено, жените не заостануваат зад посилниот пол во оваа смисла, пренесува „Њујорк пост“ (New York Post). При испитувањата, набљудувани и анкетирани биле 4.500 луѓе, на возраст од 22 до 85 години, кои оделе на „состаноци на слепо“ во потрага по долгорочен партнер од спротивниот пол.
Резултатите потоа покажале дека, повеќето испитаници – без разлика на полот, биле повеќе наклонети кон помладите потенцијални партнери.
Водечкиот автор на истражувањата, Пол Иствик, професор по Психологија на Универзитет во Калифорнија, вели дека по состанокот на слепо, учесниците ги претпочитале помладите партнери.
– Овој тренд е подеднакво присутен и кај мажите и кај жените. Оваа наклонетост за помлади кај жените ќе изненади многумина бидејќи во традиционалните хетеросексуални парови, мажите обично се постари од жените. Покрај тоа, жените обично велат дека претпочитаат постари партнери. Сепак, наклонетоста на жените на самите овие состаноци откриваат нешто сосема друго, вели Иствик.
Истражувањето е објавено во научното списание „ПНАС“ (Proceedings of the National Academy of Sciences – PNAS). Не е земен факторот поврзаност на романтична привлечност на првиот состанок со долготрајни врски.
– Но, овие наводи посочуваат дека мажите и жените ја сметаат младоста нешто попривлечна во раните фази – дури и ако не се свесни за тоа, смета Иствик.
Научниците појаснуваат дека половина од учесниците биле мажи, а другата половина жени, а повеќето седнале на состанок со спротивниот пол. Исто така, во одговорите на прашањата од анкетата, мнозинството рекле дека имале горна старосна граница при изборот на партнер, но таа граница не влијаела на вистинскиот избор.
Истражувачите, исто така, проучувале дали кај жените со повисоки примања има поголема веројатност да изберат помлад партнер. Некои од жените биле доста богати, но според наводите, има многу малку докази дека парите влијаат на наклонетоста кон помлади мажи.