Советот за етика во медиумите на Македонија (СЕММ) на денешната прес конференција презентираше детали за бројот на примени и разгледани жалби во 2024 година и утврдените прекршувања на Кодексот на новинарите при известувањето.
До Комисијата за жалби при СЕММ минатата година биле поднесени вкупно 84 жалби, од граѓани, институции и невладини организации, од кои во 33 случаи е утврдено прекршување на еден или повеќе членови од Кодексот на новинарите, додека во 21 не е утврдено прекршување. Најмногу жалби, како и во изминатите неколку години, се поднесени против содржини во онлајн медиумите, дури 66, додека останатите се за содржини во телевизиите и весниците.
Најголем дел од жалбите се поднесени од организации од граѓанскиот сектор (27), потоа од граѓани (26) , од јавни институции (9) и од носители на јавни функции (8). Политичари и политички партии, минатата година имаат поднесено вкупно 8 жалби против медиумски содржини.
Најчесто прекршуван член од Кодексот на новинарите е членот бр 1, кој вели дека „новинарот треба да објавува точни информации, проверени колку што е тоа можно“. Од вкупниот број донесени одлуки и мислења од Комисијата за жалби, членот бр.1 е прекршен во 22 случаи, односно во 34,4% .
Втор по број на прекршувања во 2024, како и во претходната година, е членот бр.10 од Кодексот, кој вели : новинарот нема свесно да создава ниту преработува информации што ги загрозуваат човековите права, нема да говори со јазикот на омразата и нема да поттикнува насилство…“. Комисијата за жалби утврди дека член 10 е прекршен во 12 жалби што претставува 18,75 од вкупниот број прекршувања.
Понатаму, според бројот на прекршувања следат членовите бр.13 (новинарот не прави разлика меѓу вест и коментар), член бр.8 (информирањето во случаи на несреќи мора да биде ослободено од сензационализми), член 7 (новинарот ќе ја почитува приватноста на личноста…) итн.
Од вкупниот број разгледани жалби (59) со помирување меѓу жалителот и медиумот (медијација) се решени 5 случаи.
Во споредба со 2023 година, бројот на примени жалби во 2024 е намален за речиси една третина, што може да се толкува на различни начини : помалку прекршоци во медиумите или помала заинтересираност на граѓаните за корекција на медиумските содржини преку механизмот на медиумска саморегулација, особено во периодот на општи и претседателски избори што се спроведа во земјава во 2024 година.
СЕММ апелира до медиумите да ги почитуваат „правилата на игра“ односно стандардите за етичко и професионално известување, како најдобар начин за заштита на слободата на говор и медиумската независност. Истовремено, СЕММ, апелира до институциите да бидат што потранспарентни за да овозможат навремено и точно информирање на јавноста. Да се бара професионалност од медиумите и од новинарите, а при тоа да не им се овозможува точна и навремена информација од јавен интерес, ги става медиумите во нерамноправна положба и го попречува навременото и транспарентно информирање на граѓаните.