На денешната седница на Владата донесена е одлука за одобрување на 120 милиони денари за бесплатен превоз на студентите. Со тоа, студентите бесплатно ќе се возат во Скопје и во текот на 2025 година. Ова на попладневната прес конференција го објавија премиерот Христијан Мицкоски и министерката за образование и наука Весна Јаневска.
-Владата на денешната редовна седница одлучи да му префрли 120 милиони денари на Градот Скопје, односно на Јавното сообраќајно претпријатие, за да може оваа мерка непречено да се реализира и следната календарска година. Тоа е едно дополнително олеснување на образовниот процес на студентите и една грижа помалку за нив, од финансиски аспект, рече Мицкоски.
Иако се направија дополнувања и од оваа студиска година и бруцошите можат да добијат студентска картичка за јавниот превоз, остануваат дискриминирани студентите на државните универзитети во внатрешноста на државата. Министерката Весна Јаневска рече дека се’ што донесуваат како мерка е во координација со студентите и студентските организации.
-Мислам дека во моментот студентите имаат поприоритетни проблеми за решавање. За следната година издвоивме 30 милиони евра повеќе за доуредување на студентскиот стандард како што тие бараат и да го олесниме учењето. Но, доколку стигне вакво барање, ќе го разгледаме, одговори Јаневска на новинарско прашање.
Премиeрот Мицкоски ја дополни министерката изнесувајќи идеја дека би можело да се организира бесплатен превоз во универзитетските центри, како Штип, Битола, односно во градовите каде има јавен превоз.