Комисијата за спречување и заштита од дискриминација (КСЗД) утврди директна интерсекциска дискриминација врз основа на пол, род и планирана бременост во областа на работата и работните односи, извршена од страна на приватна фирма со седиште во Скопје, соопшти Македонското здружение на млади правници кое поднесе претставка за случајот. Претставката е поради сторување на дискриминација по основ на пол, род и личен статус – бременост во областа на работните односи. Имено, подносителката работела на работно место “продавач” во правното лице од 2022 година. Иако работела и уредно ги извршувала работните задачи, никогаш не добила договор за вработување и не била информирана дали е вработена на определено или неопределено време. Интерсекциската дискриминација се смета за потежок облик на дискриминација.
Додека користела годишен одмор, подносителката го информирала работодавецот за започнувањето на ин-витро процедура (биомедицинско потпомогнато оплодување) и плановите за бременост. По извршената инвитро интервенција, сопругот на подносителка со целосната здравствена документација се упатил кон матичниот лекар за отворање на боледување, при што бил известен дека неговата сопруга нема здравствено осигурување и не може да отвори боледување.
Работодавачот ја одјавил подносителката од Агенцијата за вработување на РСМ 6 дена ретроактивно, на денот кога дознал за нејзината ин-витро процедура. Ова дејствие резултирало со престанок на здравственото осигурување, поради што подносителката морала сама да ја покрие целосната цена на ин-витро процедурата.
-Потенцираме дека работодавачот ја отпушта подносителката во моментот кога целосно е информиран и запознаен со нејзината намера за основање семејство. Кај работодавачот немало намален обем на работа, а нејзниото работно место било веднаш пополнето. Во фирмата не постоел доказ за намален обем на работа, а нејзиното работно место било пополнето.Од постапувањето на работодавачот може да се заклучи дека единствена причина поради што е одјавена од АВРСМ е започнување на ИНВИТРО постапка, која потенцијално би довела до користење на права за време на бременост, раѓање и родителство. Иако подносителката не била бремена во моментот на отпуштањето, самата ин-витро процедура и плановите за бременост треба да се земат предвид како дел од оваа заштита, соопштија од МЗМП, кое ги наведе и фактите во претставката.
КСЗД врз основа на наведеното утврди дека приватната фирма сторила директна, интерсекциска дискриминација како потежок облик, врз основа на пол, род и планирана бременост кон подносителката во областа на работата и работните односи. Врз основа на тоа КСЗД донесе препорака согласно која:
Приватната фирма, и одговорните лица во правото лице да и го надоместат на подносителката износот за ин витро процедура, кој била приморена да го надомести од приватни средства, од причина што поради престанокот на работниот однос била спречена да го користи на товар на средствата на Фондот за здравствено осигрурување
Да воспостават внатрешна политика преку донесување на внатрешни акти во правото лице во насока на еднаков третман на работничките и заштита од дискриминација на работничките кои се бремени, веќе се или планираат да бидат мајки или користат права кои произлегуваат од овие околности.
Во иднина да се воздржуваат од практики што продуцираат нееднаков третман и дискриминација на вработените по основ на пол, род, бременост, планирана бременост, родителство или било која друга дискриминаторска основа при остварување на нивните права од работен иднос и да ја почитуваат и применуваат законски загарантираната заштита од дискриминација по основ на бременост, раѓање и мајчинство.
Доколку приватната фирма не постапи согласно оваа препорака, КСЗД согласно член 27, став 4 од Законот за спречување и заштита од дискриминација ќе поднесе барање за покренување на прекршочна постпака пред надлежен суд за прекршоци.
МЗМП нагласува дека оваа пракса е неприфатлива и претставува грубо кршење на основните човекови права, гарантирани со Уставот на Република Северна Македонија, Законот за спречување и заштита од дискриминација и Законот за работните односи.