Поранешниот американски претседател Џими Картер почина на 101-годишна возраст во својот дом во јужна Џорџија, соопшти синоќа неговата фондација.
Картер, демократ кој се повлече од јавниот живот, беше 39-ти американски претседател, служејќи еден мандат (1977-1981). Тој беше добитник на Нобеловата награда за мир, а од февруари 2023 година добиваше домашна палијативна нега. Неговото последно појавување во јавноста беше на погребот на неговата сопруга Розалин во ноември 2023 година.
Картер беше најстариот американски претседател.
Американскиот претседател во заминување Џозеф Бајден објави дека државниот погреб на поранешниот претседател Џими Картер ќе биде на 9 јануари во Вашингтон.
Бајден го прогласи 9 јануари за национален ден на жалост низ САД и нареди американските знамиња да бидат на половина копје 30 дена.
Џими Картер, 39-тиот претседател на САД и добитник на Нобеловата награда за мир, почина синоќа на 101-годишна возраст во својот дом во Плејнс, Џорџија, објави неговиот син Џејмс Е. Картер Трети.
„Денес Америка и светот изгубија извонреден лидер, државник и хуманитарец. Повеќе од шест децении ја имавме честа да го наречеме Џими Картер драг пријател. Но, она што е извонредно за Џими Картер е тоа што милиони луѓе во САД и ширум светот кои никогаш не го запознале, исто така го сметале за драг пријател“, наведоа во соопштение американскиот претседател Џо Бајден и неговата сопруга Џил.
„Предизвиците со кои се соочи Џими како претседател дојдоа во одлучувачки момент за нашата земја и тој направи се што е во негова моќ за да ги подобри животите на сите Американци. Затоа му должиме благодарност“, изјави новоизбраниот американски претседател Доналд Трамп. МИА