Сојуз на Извидници на Македонија доби нова ѕвезда – Драган Дончески, кој неодамна ја освои престижната титула Извидник на годината. Ова признание ја потврдува неговата посветеност, истрајност и љубов кон извидништвото, кои оставаат траен белег не само на неговата заедница, туку и на национално и интернационално ниво.
Драган е член на извидничкиот одред „Еквинокс“ од Штип и веќе години наназад активно работи на промоција и развој на извидничките вредности. Неговите активности вклучуваат едукација на млади генерации, организација на проекти и волонтерски акции, како и учество во бројни национални и меѓународни кампови.
Што за вас претставува извидништвото?
-За мене извидништвото не е само хоби, туку е и еден начин на живот кој вклучува повеќе аспекти и ги спојува во едно. Овде мислам на авантурата, тимската работа, љубовта кон природата и самото учење на нови вештини кои што заедно придонесуваат за подобра заедница и подобро утре.
Што тебе конкретно те натера да се занимаваш со извидништвото? Од каде почна се?
-Мојата авантура со извидништово ја започнав во 2019 година кога мои другари ме викнаа да отидам со нив. Од таму продолжив да бидам присутен на сите состаноци во нашиот локален одред во Штип каде цело време учевме некои нови вештини, беше интересно. Самото дружење во природа беше нешто ново кое претходно немав можност да го искусам. Токму поради ова научив како да се снаоѓам во различни ситуации, како да бидам заедно дел од група која што заедно работи тимски.
Какви знаења стекна преку извидништвото?
-Има доста примери. Некои покарактеристични за извидништвото се ориентација во природа, користење на компаси и мапи, преживување во природа, спиење во шатори, приготвување на храна и друго. Во новото време извидништвото се занимава и со тимско работење, со стекнување на нови меки вештини како што лидерство, решавање на конфликти, организација на настани и волонтирање.
Зошто според тебе е добро да се биде извидник?
-Добро е бидејќи во денешно време фокусот на младите е насочен кон технологијата, кон телефоните и компјутерите. Токму поради тоа, на некој начин младите изгубивме контакт со природата. Со извидништвото тоа го враќаме бидејќи со самите работи кои ги имаме во природата се буди некоја возбуда и некој авантуристички дух и градиме нови пријателства. Според моите информации во Штип има 100-тина млади извидници, што доволно покажува за интересот.
Што за тебе значи наградата најдобар извидник?
-Наградата е заслуга за целата моја ангажираност низ цела година, како на локално така и на национално ниво. Таа не е само награда, туку и голема одговорност. Во текот на годината организирав доста акции и настани. Ја застапував и Македонија како извидништво на други меѓународни настани. Во однос на наградата, се прави ранг листа, се оценува кој е најдобар и се прогласува победникот. Оваа награда ми значи многу и е доказ за напорот кој го вложувам.
Како успевате да ги привлечете младите, да ги тргнете од компјутерите?
-Нашата првична цел е преку настани, кампови и излети да го направиме тоа. Таму може да се види дел од извидништвото, па доколку истото го привлекува можат слободно да продолжат. Сега имаме и нова практика каде одржуваме отворени денови во Штип каде имаме различни активности.
Што би им препорачал на младите, кој е твојот апел до нив?
-Со самото извидништво ние запознаваме нови пријатели, не само од Македонија, туку и од други држави бидејќи извидништвото е една од најголемите заедници кои што активно се грижат за природата и нашата заедница. Важен аспект е нашата природа и шумите да си ги зачуваме, а тоа може да се научи преку извидништвото. Друга придобивка е физичката активност.
Кристијан Трајчов