Министерот за внатрешни работи Панче Тошковски утрово ги посети полициските службеници во Единицата за внатрешни работи во Ѓорче Петров, каде облиску се запозна со текот на акцијата што денеска се спроведува од страна на СВР Скопје во координација со Одделот за криминалистичка полиција.
„Акцијата е насочена кон сузбивање на организирана криминална група која се занимава со криумчарење на скапи моторни возила, фалсификување исправи и злоупотреба на службена положба, за што утрово се вршеа претреси на повеќе локации. Продолжуваме со борба против сите облици на криминал, затоа што македонските граѓани заслужуваат да живеат во стабилна и безбедна држава.”, потенцираше министерот Тошковски.
Подоцна со соопштение се јави и ОЈО. Од Обвинителство велат дека по спроведена претходна постапка и врз основа на обезбедените докази, Основното јавно обвинителство Скопје ќе поведе постапка против вкупно 10 лица за кои постои основано сомнение дека учествувале во дејствија криумчарење, фалсификување исправи и службени исправи, како и прикривање на стоки кои се предмет на криумчарење и царинска измама.
-Лицата во текот на 2021 и 2022 година, со лажни документи и преправени броеви на шасија, внесувале во земјава автомобили кои биле предмет на меѓународна потрага, како и автомобили за кои на друг начин ја избегнувале царинската контрола. Возилата тука ги регистрирале и еден дел по неколкупати меѓусебно си ги препродавале за да го прикријат криумчарењето, по што ги отуѓувале на крајни корисници. Меѓу осомничените се две службени лица – вработени во управни служби за регистрација на возилата. Еден од осомничените е државјанин на Република Грција и за него, со оглед на претходно воспоставената соработка меѓу Основното јавно обвинителство Скопје и грчките органи, кривичниот прогон ќе биде отстапен на Република Грција, информираат од ОЈО.