Премиерот Христијан Мицкоски вчера од собраниската говорница повика да се преземат мерки по допрен глас, бидејќи, како што рече, од претходната власт бил следен тој и неговото семејство, под обвинение дека е организатор и финансиер на параполициско воено вооружена формација.
Како што посочи, преку информација од извор наречен „цилиндар“ во 2020 година било укажано на наводна активност на параполициско-воена вооружена формација, составена од македонски радикални екстремни и националнистички настроени граѓани, со цел во предизборието да вршат заплашување и закани на македонски граѓани, за да издејствуваат поддршка за ВМРО ДПМНЕ.
– Нарачател и финансиер на таа формација е Христијан Мицкоски. Ова е оставено како трага и точно се знае кој се тие кои тоа го работеле. Тоа служело како покритие да бидеме физички покриени сите…,рече од говорницата Мицкоски.
Денес од ОЈО по повикот на премиерот информираат:
-Јавното обвинителство веќе има оформен предмет по допрен глас врз основа на вчерашната изјава на Претседателот на Владата на РСМ, за што Јавниот обвинител на РСМ на денешната средба веќе го информираше и премиерот. Предметот веќе е даден на постапување на надлежно обвинителство за да ги испита наводите,информираат од ОЈО.