Во март 2025 година се очекува да завршат работите на хидроцентралата, која во јули почна да се гради непосредно под браната Кнежево, виталниот дел на хидросистемот „Злетовица“. Деновиве кога отидовме на терен, работниците работеа на видливата градба, која ќе биде една од планираните шест хидроцентрали на системот важен за над 100.000 жители. ХЕЦ Б, како што објаснува директорот Златко Стојановски, ќе ги процесира водите неопходни за обезбедување на биолошки минимум на реката од брана Кнежево.
-Оваа година во месец јули е започната со изградба ХЕЦ Б на брана Кнежево. Истата е со вредност од 450.000 евра, од кои 225.000 евра се донација од Центарот за соработка и развој на Република Словенија и 225.000 евра се донација од Министерството за земјоделство, шумарство и водостопанство (МЗШВ)како наше ресорно министерство. Истата планираме да биде пуштена во работа во месец март, наредната година, изјави директорот Стојановски.
Хидроцентралата е дел од Фаза 2 на „Злетовица“ од каде моментално со вода за пиење се снабдуваат три градови од источниот дел на Македонија.
-За комплетирање на целиот проект ХС „Злетовица“, остануваат уште две фази и тоа Фаза 2 и Фаза3. Фаза 2 го опфаќа наводнувањето на општините и Фаза 3 делот на енергетиката. За докомлетирањето на овие фази, е барањето на кредитори за комплетирање на овие фази, кажа Стојановски.
Со реализација на фазата за наводнување, би се обезбедила вода за наводнување на земјоделска површина од 3500 ха во Пробиштип и 957 ха во Кратово. Но, со оглед на изминатото сушно лето, кое е забележано како најтоплото лето откако се мерат температурите, од голема важност е состојбата со браната, каде се складираат води кои треба да ја задоволат жедта на планираните пет општини – Пробиштип, Штип, Свети Николе, Карбинци и Лозово.
Златко Стојановски
-За приклучување остануваат уште две општини, Карбинци и Лозово. Со општина Карбинци очекуваме до крајот на оваа година за потпишеме договор и меморандум за соработка, со што ќе се овозможи граѓаните на Општина Карбинци да се снабдуваат од ХС „Злетовица“ со вода за пиење. Додека за Општина Лозово е изготвена техничка документација и се очекува изградба на филтер станица. Хидросистемот успешно менаџира со водите со кои стопанисува, не очекуваме прекин со водоснабдувањето, имаме доволно колични води во акумулацијата. Така што, приклучувањето на општина Карбинци нема да претставува дополнително отповарување, вели Златко Стојановски, директор на ЈП ХС „Злетовица“.
Изградбата на планираните хидроцентрали за ЈП ХС “Злетовица” се од особено значење, бидејќи ќе овозможат зацрвствуање на финсиската стабилност, со оглед на цената на електричната енергија на светскиот пазар.
Весна Коловска
Фото, видео и дрон: Кире Андонов