Жителите на Кочани вчера обвинија дека Виничани носат штетно ѓубре во нивната депонија, односно строго забранет отпад на биохемиска фабрика. ММС уште од вчера испрати прашања до Јавното претпријатие „Солидарност“ од Виница, кое го носи ѓубрето, но одговорот стаса дури денес.
Од претпријатието за ММС велат дека тој отпад за кој кочанчани велат дека е опасен отпад уште од 2000-та година се депонира на депонијата во Виница и дека нема ништо спорно во целата ситуација.
„Двете фирми се со холандски сопственици, исто како „Антура“ во Кочани и се занимаваат со истата дејност како таа компанија. Ако имало некакви штетни материи во тој отпад досега 100 пати ќе ги затвориле тие три фирми. Значи, тој отпад воопшто не е опасен. Со Одлука на Владата на РМ од 2021 година е одлучено дека до изградбата на Претоварна станица на територијата на Општина Виница, општините Виница, Зрновци и Чешиново – Облешево ќе се депонира на депонијата во Кочани. Не може Одлука на Совет да биде поголема и поважна од Одлука на Влада, барем не во Република Македонија. Веќе кажав дека на нас ни се зголемени енормно трошоците и дека поевтино ни беше да депонираме на старата депонија, но мора да се почитува Одлука на Влада“, велат од претпријатието.
Тие потенцираат дека решението е во побрза изградба на фабриката во Свети Николе и претоварната станица во Виница, и затворање на сите општински депонии, бидејки друга опција нема.
„Ако пропадне проектот за Регионален центар за управување со отпад, пак ќе имаме по неколку диви депонии во секоја општина, ќе мораат општините да ги враќаат парите земени преку ИПА фондовите и ќе се вратиме 20 години назад, а за Европска унија само ќе сонуваме. Настанатиот хаос полека се разрешува, почнавме секојдневно да депонираме во Кочани и за 2 недели се надеваме дека ќе се нормализира собирањето на отпад во Општина Виница и ќе почнеме редовно да ја вршиме дејноста“, објаснуваат од ЈП „Солидарност“.
Според нив, моментално најпотребно е редовно да се затрупува депонираниот отпад и да се одржува депонијата на дневна основа, за да нема запалување и загадување на воздухот.
„Само тоа е привремено решение, друго решение нема и нема да има. Министерството за екологија нема да дозволи да се отворат нови времени депонии во никој случај, иако баравме одобрение за времена локација. Исто така, треба помош од Министерството за редовно одржување на Кочанската депонија до изградбата на Претоварната станица“, потенцираа тие за ММС.
(К.Т.-