Проблемите со кочанската депонија не стивнуват. И покрај тоа што постои активна одлука на Советот со кој се забранува да се носи отпад од другите општини,сепак, се уште со сила се носи таму, а последната и застрашувачка информација е дека виничкото ѓубре е штетно, односно кочанчани се сомневаат дека се фрла строго забранет отпад на биохемиска фабрика.
Независниот советник од Кочани, Венко Крстевски на Фејсбук објави видеа во кои тврди дека за „опасното виничко ѓубре е известена кочанската полиција и дежурен обвинител“ и посочува кочанчани да не се чудат „од каде е толку големата бројка на тешки респираторни заболувања“.
„Се носи ѓубре чиј состав не го знаеме. Пластиката која се исфрла таму е недозволена и не се разградува. Си има посебен протокол и Закон како треба да се постапува со таков вид на ѓубре. Има две фабрики за цвеќиња во Виница и тие не ги почитуваат законските регулативи. Тие тврдат дека тоа е органско ѓубре, но ние се сомневаме дека е така“, вели тој.
Крстевски објасни дека составот на ѓубрето денес ќе биде анализиран.
„Одлуката на Владата не може и не смее да биде пред активната Одлука на Советот на општина Кочани. Основач на јавното претпријатие е општината, таа има ингеренции врз него. Поради тоа, ќе има кривични пријави против градоначалникот Љупчо Папазов и против ЈКП „Водовод“. Ние ќе ја следиме состојбата, нашата одговорност е да се бориме за нашето здравје. Борбата не е лесна, но немаме право да се откажеме од неа бидејќи станува збор за елементарни услови за живот“, рече Крстевски.
Воедно, како што вели тој, еден од трите винички камиони кои вчера го донеле ѓубрето се расипал внатре во депонијата. Само тој успеал да го истовари, а другите два не смееле да се спуштат поради каливиот пат, па двата се вратија полни кон Виница.
„Дечките од надзорниот будно следат, дури и кога можат ја проверуваат и содржината на ѓубрето. Ова е уште еден доказ дека кочанската депонија нема капацитет да биде регионална“, изјави граѓанската активистка Благица Сабовљевиќ Стоименова.
Таа вели дека продолжуваат лицемерните игри на локалните власти.
„И покрај тоа што постои активна Одлука на Советот да не носат ѓубре во нашата депонија, тие продолжуваат да го прават тоа, па и згора на се, во него има токсични материи. Мислам дека ова навистина ги поминува сите граници. Оваа воопшто не е играчка. Граѓанството во Кочани пишува историја. Дали наште власти и државата се свесни колку многу дечиња имаме ние кои како последица на загадувањето имаат чудни болести без генетика. Многу себичен народ испаднавме. Сите молчат се додека самите тие лично не се засегнати од проблемот“, изјави таа.
ММС се обрати и до Јавното претпријатие „Солидарност“ од Виница, кое го носи ѓубрето, но до овој момент нема одговор од нив.
КЈП „Водовод“ Кочани, пак, вчера, објави дека заедно со полицијата отстранила 30 лица кои неовластено собирале отпаден материјал, како пластика и железо, во Градската депонија.
„Неовластените лица во крајно тензична атмосфера беа отстранети од депонијата, беше евидентно дека тие со повеќе патнички моторни возила изнесоа поголема количина отпад од Градската депонија и го транспортираа кон населените места во Кочани. Ваквите неовластени влегувања во Градската депонија од поединци или од организирани групи претставуваат сериозна закана за работењето и преземањето на работни активности во депонијата од страна на економскиот оператор кој е задолжен за оддржување на депонијата“, стои во нивното соопштение.
Граѓаните велат дека во изминатите неколку денови е забележително поголемо палење на отпаден материјал, како кабли и контејнери на повеќе локации во Кочани, па поради тоа е известен и овластен комунален инспектор од Општина Кочани од каде што е добиено известување дека е постапувано во пет одвоени случаи изминатото деноноќие и се изречени две прекршочни казни.
-КЈП “Водовод” Кочани ги известува граѓаните на Општина Кочани дека приватните превозници на отпад и граѓаните може да го депонираат отпадот на Градската депонија секој ден од 8-16 часот при што задолжително треба да се придржуваат до распоредот и начинот на кипање кој ќе го определи стражарската служба на Градската депонија. КЈП “Водовод” Кочани ги известува граѓаните на Општина Кочани и дека најстрого е забрането депонирање на отпад од гума и метал на Градската депонија“, велат од претпријатието.
Кристијан Трајчов