Мониторингот на Законот за нефер трговски практики завршува на 31-ви декември, кога истекуваат трите месеци адаптивен период на регулативата која започна да важи на 28-ми септември.
Според Законот добавувачите и купувачите треба да ги усогласат или да ги прават договорите со 10 проценти ограничен рабат и дополнителни трошоци и надоместоци. Надоместоците кои се дозволени не повеќе од 10 проценти од остварениот промет во тековната година се поставување на полици на продажното место на купувачот, рекламирање на производите и маркетинг. Со овој Закон не се регулира трговската маржа туку се забрануваат дополнителните трошоци кои добавувачите ги плаќаа на купувачите за да ги продаваат нивните производи.
- Законот е земен како пример од законите за трговски практики на Словенија, Хрватска и Бугарија, role систем е земен од Законот за нефер трговски практики на Словенија, прилагоден и адаптиран во Република Македонија. Тоа е прв закон во историјата на Македонија, којшто ги регулира односите на производителите и добавувачите со трговците, односно трговијата на мало и на големо и навистина ќе биде од голема корист во средувањето на тие односи понатаму, бидејќи како што имавме информации претходно работите биле многу големи, на штета на производителите во Македонија, кои се движеле во маркетите 35, 40, па можеби и повеќе насто. Сега се ограничени и останува да работат и придонесите не го надминат процентот од 10% во тековната година, што е добро и мислам дека на подолг рок со овој закон нормално ќе имаме поголемо регулирање на цените на производите како краен ефект, односно во интерес на потрошувачите, купувачите и граѓаните, заштита на животниот стандард, а од друга страна оној хаос кој постоел од претходно и форсирање на странски производи во однос на домашните производи. Тука ќе имаме изедначување, пред се, во однос на маркетите, вели заменик министерот за економија и труд, Марјан Ристески.
Деновиве се докомплетира и Комисијата за заштита на конкуренцијата:
- Инаку, деновиве се докомплетира КЗК со 5 нови члена, коишто беа изгласани во Собранието, тие ќе бидат и главниот контролор на сите овие договори. Договорите завршија до 28 септември, дадовме еден мониторинг период до 1 јануари, каде што ги пратиме сите случувања кои се случуваат.
Казните стартуваат од 1-ви јануари:
- Имаме различни дојави, има одредени проблеми околу поврат на роба, околу маркетингот, некаде дури се појавиле двојни ценовници како информација, сето тоа треба да го преиспита Комисијата за заштита на конкуренцијата и по Законот за нефер трговски практики да постапи. Да укажеме дека после нова година казнените мерки се големи, да внимаваат сите оние кои ги склучуваат овие договори. Казните се некаде 20 илјади евра, што не е малку како една, да речам, опомена за нефер трговски практики. Инаку, утврдени се 26 нефер трговски практики, а спрема тарифникот се внесени 2546 прехранбени и земјоделски производи во овој закон, додава Ристески.
Најстрогата казна може да достигне до 20.000 евра за голем трговец и од 350 до 500 евра за одговорното лице во правното лице кој е голем трговец. Казните за полесни прекршоци на Законот ќе зависат од тоа дали прекршокот го сторило правно или физичко лице. Највисокиот износ на казната за полесен прекршок што може да се изрече во постапка е 5.000 до 6.000 евра за голем трговец и 350 до 500 евра за одговорното лице во фирмата голем трговец.
(М.К.)