Деновиве селото Рилци во Благоевградската област повторно стана актуелно, откако кривична пријава заработи поранешниот градоначалник на истоимената општина, Живко Чукарски, за издавање на 247 лажни документи за живеалиште во Рилци на Македонци во процесот на добивање на бугарско државјанство.
Претходно во уредба на Окружното обвинителство, испратена есента 2019 г. на градоначалникот на општина Благоевград му биле посочени адресите на 3.526 Македонци во селото Рилци, каде што нема згради, туку голи парцели. На улица „Васил Левски“ 41, на пример, постојана адреса испадна дека имаат 459 луѓе, но реално таква адреса не постои. 30 Македонци испаднале пријавени на ул. „Васил Левски“ 30 – на гола земја со трње и без објект. Другите беа регистрирани на непостоечки адреси.
Инаку, проверките се предизвикани со отворено протестно писмо од жителите на селото пред локалните избори во 2019 година, кои контактирале со полиција и обвинителство и се заканиле дека ќе направат жив штит, но нема да дозволат луѓе од Македонија, кои не стапнале и немале ништо заедничко со селото, да гласаат. Тогашниот избран градоначалник на Рилци, Крум Крумов јавно објави дека во селото има над 5.000 пријавени лица со постојана адреса, и покрај тоа што во реалноста има 789 жители.
По проверките наредени од обвинителството пред 4 години, близу 4.000 Македонци со двојно државјанство беа одјавени од адресите во Рилци. Во текот на проверките било констатирано дека поранешниот долгогодишен градоначалник на Рилци Живко Чукарски сторил документирано кривично дело, за што потоа е обвинет, а од вчера му е изречена казна.
Има масовна „инвазија“ на Македонци според адресна регистрација во другите Благоевградски села, а селото Бело Поле стана пример за лажна регистрација со 600 луѓе со адреса на трафостаница.
Живко Чукарски во текот на истрагата го искористил правото да не дава објаснување и против него е одредена мерка притвор, покриена со „гаранција“ од 5.000 лева. Обвинението беше поднесено во Окружниот суд во Благоевград, но на диспозициското рочиште неговиот адвокат Ангел Рашев изјави дека е постигнат договор со обвинителството.
(М.К.)