Управата за јавни приходи од регионалната дирекција Штип ги потсети сите оние кои ќе вршат некаква дејност за новогодишните празници, тоа да го пријават регуларно во управата.
„Даночните обврзници угостители, кои организираат прослави по повод празниците, кои можат да продаваат влезници или ваучери или вршат промет во готово, имаат обврска да издаваат фискални сметки согласно член 2 од Законот за регистрирање на готовинските плаќања, вели Маре Данкова од УЈП.
Освен угостителите и организаторите на новогодишните дочеци, обврска за пријавување имаат и музичарите.
„И тие музичари или естрадни уметници кои настапуваат како физички лица имаат обврска да склучат договор за повремено или привремено вршење на услуги и преку системот на УЈП e-ujp.ujp.gov.mk да го пријават обавувањето на таа дејност и да го платат данокот, додава Денкова.
Обврска за пријавување имаат и издавачите на станови, куќи и вили за новогодишната ноќ или празниците.
Доколку не го пријават работењето и не платат данок, прекршителите на законот се соочуваат со казни, кои во зависност од големината на правниот субјект, се движат од 300 до 10 илјади евра.
За физичките лица, пак, кои нема да поднесат пријава, санкциите се од 50 до 250 евра во денарска противвредност.
(М.К.)