Залихи на огревно дрво во вредност од над 2 милиони денари не биле доставени, туку оставени на отворено да скапат, обвинува директорот на ЈП „Македонски шуми“, Кире Михаилов.
Михаилов тврди дека на локацијата „Црн Врв – Бреза“ на Осоговските планини во близина на Кратово има залихи останати од 2019 година, кои никогаш не биле испорачани на потрошувачите, иако имало потреба.
„Имаме пристапен пат, од каде можело секојдневно дрвата да ги вадат со леки возила, меѓутоа не што не ги ваделе, ги оставиле да скапат. Некои од дрвата биле прва класа, ама биле. ЈП Македонски Шуми е претпријатие со 30 подружници, но ние сме едно. Ако во 2019, 2020 година, еве на пример, Кратово немало потреба од дрва, можеле овие дрва да ги симнат доле затоа што Велес, Скопје, Кочани, Штип, Свети Николе, Пробиштип, имале потреба. Луѓето ги оставија без дрва, а овде скапале дрва во вредност поголема од 2 милиони денари, најверојатно бидејќи некој не се договорил за нешто. Срамота е. Сега кој ќе ја плати штетата за ова. Овие не се веќе дрва, и да се направи записник, да се направи декласирање на дрвата, јас искрено не знам кој би ги земал, вели Михаилов.
Директорот најави проверки и на териториите на 30-те подрачни единици на претпријатието, а посочи и дека ќе бара одговорност.
„Само овде и во Емиричка река лежат две плати за подружницата Кратово. Ова е само еден мал дел од недомакинлукот што го имало во минатото. Ова е капка во морето која што значи упропастување на „Македонски шуми“ до срж. Одговорност за ова ќе има, и не само за ова, за се што е правено спротивно на законот, спротивно на овластувањата, за се она што и не е преземено, одговорнст ќе има. Кратово е само една од 30-те подружници каде што најдовме нешто вакво и веднаш почнуваме постапка во која што ке бараме одговорност од сите инволвирани во ова, додава Михаилов.
(М.К.)