14-годишната Вања Ѓорчевска била жива кога било пукано во неа, а обдукцијата не покажала знаци на претходно задушување. Пукано било од растојание не поголемо од половина метар, од задната страна. Според Обвинителството, таа се движела по кал пред да биде убиена, пренесува Телма.
Ова беше изнесено на денешното рочиште за случајот со убиствата на Вања и Панче на кое беа изнесувани материјални докази. Обдукцијата утврдила дека и Вања и Панче претрпеле тешко физичко страдање пред да бидат убиени.
Обвинетите Велибор Манев, Влатко Кешишев и Боре Видевски, осомничени за грабнување и свирепо убиство, не поднеле никакви докази за своја одбрана. Тие првично ја признаа вината како соучесници и ја одведоа полицијата до локацијата каде што беа пронајдени телата. Обвинителката приложи и фотографии од мобилниот телефон на Панче, кој бил фрлен во трње, како и фотографии од местото каде што беше пронајдено телото на Вања и од куршумот изваден од нејзиното тело.
Извештајот од обдукцијата на Вања покажал присуство на ДНК од Велибор Манев на лепливата лента која била поставена на нејзината уста. Обдукцијата на Панче Жежовски, пак, утврдила дека неговата смрт била насилна, а тој бил застрелан во главата.
Двете жртви биле застрелани со куршуми со калибар 9 милиметри, произведени во Самоков, Македонски Брод. Овие куршуми биле наменети за повеќе видови оружје – за пиштоли и за полуавтоматски пушки.
На денешното рочиште реагираше Љупчо Палевски, кој побара од обвинителката да објасни и за церадата во која бил завиткан Панче, тврдејќи дека на неа нема траги или отисоци поврзани со него. Обвинителките нагласија дека во овој дел од процесот само ги изведуваат доказите, а нивната поврзаност ќе ја презентираат понатаму во судската постапка.