Штип вчера и денеска преку низа настани го одбележува патрониот празник на градот, Свети Никола.
Одбележувањето започна со свечена академија, на која му беше доделен орденот „Свети Никола“ на фудбалскиот репезентативец и клубски интернационалец, Бојан Миовски.
„Бојан Миовски со макотрпна работа, тренинг и пожртвуваност прерасна во наш најголем спортски амбасадор и сме горди што благодарение на неговото име, името на градот Штип и Република Македонија, се спомнуваат кога и да настапува ширум Европа и светот, рече Иван Јорданов, градоначалник на Штип при доделувањето на орденот.
Денеска, пак, се одржа религиозното одбележување на празникот, преку богослужба во соборниот храм „Свети Никола“ предводена од архиепископот охридски и македонски, г.г. Стефан, како и празнична литија предводена од епископот брегалнички, г. Иларион.
„Ја продолжуваме традицијата на нашите претци, кои што низ вековите го славеле овој светител, му се молеле и заради неговите свети молитви, заради милоста Божја, опстанале и останале до денеска тоа што се – православни Македонци, рече г. Иларион.
Ваквиот начин на дводневно одбележување на патронот на градот, Штип го практикува веќе 13 години, а секоја година се доделуваат четири признанија и еден орден за заслужни граѓани, компании, спортски клубови и организации.
(М.К.)