Доктори од ЈЗУ Универзитетска клиника за респираторни заболувања кај децата – „Козле“, Скопје со отворено писмо се обратија со премиерот Христијан Мицкоски, министерот за здравство, Арбен Таравари и националниот координатор за здравство Ристо Симеонов, во кое го изразуваат своето незадоволство од директорката Каролина Симоновска.
Писмото ви го пренесуваме во целост:
-Ви се обраќаме како на креатори на здравствената политика во државата, последна инстанца која може да стави крај на самоволието на една директорка на ЈЗУ и да ја спречи нејзината епохална неспособност која комплетно ќе ја уништи Универзитетската клиника за респираторни болести кај децата – Козле. Ова писмо претставува протестна нота, револт на вработените кои се сведоци како В.Д директорката Каролина Симоновска ја уништува институцијата која отсекогаш имала висок кредибилитет и долга традиција.
Веруваме дека и Вие и Ваши блиски сте имале многу позитивни искуства од оваа болница за која се раскажувало само во најдобро светло повеќе децении на назад. Козле била болница со која нашето јавно здравство може да се гордее и не сакаме (а и не смееме) да дозволиме една некомпетентната директорка да ја закопа оваа, за жал ретка, успешна приказна и да му наштети на целиот здравствен систем во грижата за најмалите пациенти.
Најочигледен пример за нејзината неспособност е уништувањето на бронхоскопијата во Козле. Кратко по нејзиното назначување за директор, раководителот на бронхоскопскиот кабинет на 09.08.2024 достави писмено барање до неа за набавка на неопходни потрошни материјали без кои не може да се одвива работата, но тоа всушност беше почетокот на голготата на тимот за бронхоскопија. Поради низа несогласувања, неразбирање и инаетење од страна на директорката, оставки од бронхоскопскиот тим дадоа двајцата најискусни бронхоскописти затоа што инсистираа на совесно и професионално работење, а останатите доктори и сестри ги поддржаа и се изјаснија дека функционирањето на тимот е невозможно без нив. Директорката им се закануваше со отказ на ОРЛ специјалистите кои одбиваа да работат бронхоскопија со недоволно едуциран кадар. За да докаже дека не се во право, формира нов тим во кој единствен искусен бронхоскопист е пензиониран ОРЛ специјалист. На фиктивниот список фигурираат уште педијатри и инфектолог, кои никогаш немаат направено бронхоскопија и ОРЛ специјалист кој сеуште се обучува. Списоци за приправност не постојат и кога ќе дојде итно дете под сомнение за вдишено туѓо тело, решението е да се прапраќа на Клиниката за ОРЛ. Со ова менаџирање, директорката постигна од извршени 67 бронхоскопии 2023 година, преку од 40 бронхоскопии извршени од јануари до јуни 2024 година, вкупната бројка на бронхоскопии од почетокот на нејзиното директорување до сега да ја сведе на само 3 бронхоскопии. Што е ова ако не е уништување на оваа дејност која успешно се одвивала повеќе од 50 години.
Ние многу пати до сега писмено сме реагирале до институциите и до сите наши приватни познаници да предупредиме на катастрофалните последици кои се неизбежни со оваа директорка. Во писмата архивирани во Министерството за здравство изминативе месеци се детално објаснети дел од проблемите:
Незаконски разреши внатрешни членови на Управниот одбор и без образложение разреши раководители на оддели со највисоки наставни и стручни звања, единствени во својата област и без ниту една дамка во работењето. Разрешува вработени додека се на боледување, назначува други додека се на годишен одмор, дава по вторпат решенија за разрешување, истовремено прогласувајќи ги претходните за неважечки.
Го попречува на законското право на вработените, забранувајќи архивирање на жалби и ненавремено доставува потребни документи до Државната второстепена комисија.
Назначува за раководители на оддели лекари кои немаат ниту 2 години работно искуство како специјалисти. Паралелно со тоа прави список за дежурање во кој тие како помлади специјалисти мораат да дежураат со постар специјалист, но според неа да раководат со оддел нема никаков проблем.
Назначи главна сестра која не е вработена во установата, која не потпишала никаков договор (патем, истата заради неподносливо однесување на директорката замина за 2 недели, а болницата 10 дена беше без главна сестра).
Непотребно вработи како консултант пензиониран правник, при доволен број вработени правници, а истиот самата го избрка после 2 недели.
Формира тимови за алергологија, функционална дијагностика, кои ги сочинуваат доктори кои работат акутна патологија и со доенчиња, каде овие методи се просто неприменливи. Дава додатоци за нешто за што до сега се сметало дека е работна обврска на секој во клиниката.
Им ги одзема надлежностите на раководителот на микробиологија и биохемија и вработените со високо образование и усно дава наредба истите да одговараат пред лаборант.
Без никаква причина и логика преместува доктори од еден на друг оддел и притоа со наредби ги иселува од нивните канцеларии. Од нејзиното доаѓање на функција до денес размести над 20 канцеларии.
Без никаква логика (ниту медицинска ниту човечка) нареди на интензивна нега да се примаат сите доенчиња до 3 месеци и деца на кои им треба кислородна поддршка, бројка која во овој период од годината далеку го надминува капацитетот на таа нејзина “интензивна нега”, па за време на дежурство, како и во прва смена, се соочуваме со многу непријатни ситуации кога пациенти кои се веќе стабилни, во 03-04 часот ноќе од интензивна се префрлаат по други оддели, зошто на некое сосема стабилно дете му притребало малку кислород, па мора да се однесе на интензивна нега. Пациенти со мајки се рашетуваат на сред ноќ, деца се префрлаат од еден оддел на друг во неисчистени соби (ноќе нема хигиеничарки).
Секојдневно носи нови одлуки кои ги менува веќе следниот ден. Одлучила ретроградно да ги избрише слободните денови кои сме ги заработиле цела година наназад со дежурање во викенд, за да следниот ден се предомисли. Во последниов месец списокот за дежурства го менува на 2 дена, за во последниот список за дежурачи во амбуланта да ги стави највозрасните и најискусните специјалисти, супспецијалисти и професори, доктори пред пензија. Во ек на сезоната на респираторни инфекции, ги намали дежурните екипи, од 4 на 3 лекари во 24 часа, и од 3 на 2 во 18 часовно дежурство. Со тоа ни наметнува задачи кои се над нашите можности, а го загрозува здравјето на вработените, но и на болните деца.
Континуирано се служи со обвинувања на колеги за неспособност за организација, за несовесно работење, професионално не дискредитира. Oдлуките ги донесува во отсуство на конструктивна дебата само со неколку доктори кои функционираат како нејзини послушници.
Намерно испраќа на едукација во траење од 2 месеци докторка која за неколку месеци ќе се пензионира.
Нејзиното директорување е слично и на нејзиното претходно раководење на оддел, за време на кое заработила повеќе пријави за мобинг од колеги и поплаки од пациенти, има и дисциплинска постапка, но нејзиното досие по стапување на функцијата магично се испразнило
Континуирано применува психолошки притисок и мобинг кон докторите и останатиот персонал, со што создава несигурност, страв и нарушени услови за нормално функционирање
За нејзината параноја и нечиста совест, зборува и фактот што наредува на секој, колега, вработен, претставник на фармацевтска фирма, странка, задолжително да го остави мобилниот телефон кај секретарката пред да влезе кај неа во канцеларија
Ние многу пати слушнавме неформални ветувања за решавање на нашиот заеднички проблем, но ситуацијата веќе е неподнослива, а нашето трпение на крај. До денес, 6 декември, 30 доктори сме потпишани на барање за најзино итно разрешување. Истите се веќе дадени на увид кај Министерот за здравство, а ќе бидат дадени и на сите горенаведени. Спремни сме да ја прекинеме работата со штрајк или евентуални откази, во време кога има дефицит на педијатри во јавното здравство, додека оваа елементарна непогода не биде отстранета, итно и неодложно. Ве молиме тоа да биде завршено час поскоро. Доколку целта да пружаме што поквалитетни услуги за нашите пациенти ни е заедничка, покажете доблест и назначете директор кој ќе биде поддржан од лекарскиот колегиум, а таквиот чин многукратно ќе Ве награди.