Комуникацијата меѓу родителите и децата е редовна, но постојат значајни разлики во темите што се дискутираат. Младите често споделуваат различни аспекти од својот живот, додека родителите се насочуваат главно кон училишни и општествени прашања. Недостатокот на удобност и отвореност при споделувањето на чувствата претставува предизвик, што може да доведе до незадоволство и ја истакнува потребата од поголемо внимание кон емоционалните потреби на децата, покажуваат резултатите од анкетата на РЦС „Спектар“ спроведена во Крива Паланка.
Анализата покажува дека и покрај позитивната основа за комуникација меѓу родителите и младите, постојат значајни предизвици кои бараат внимание, бидејќи тие директно влијаат врз менталното здравје на децата. Загрижувачки е што околу 60% од родителите сметаат дека менталното здравје на нивните деца е изложено на зголемен ризик. И родителите и младите согледуваат потреба од обуки и активности кои ќе придонесат за подобрување на комуникацијата и подлабоко разбирање на емоциите.
Комуникацијата – основа за здрави семејни односи
„Комуникацијата меѓу родителите и младите е основа на здравите семејни односи, но како и во сите други области, таа е соочена со предизвици. Според одговорите, воочливо е дека најтешко ги водат разговорите поврзани со емоционалното споделување. Од тој аспект, потребни се обуки за родителите, но и обуки за младите, конструктивно решавање на конфликтите, градење доверба, поддршка на индивидуалноста и вклучувањето на децата при носењето одлуки, кои се многу важни при комуникацијата родител-дете“, вели авторката на анализата Надица Скепароска Петковска, магистерка по клиничка психологија и сертифицирана психотерапевтка од Европската асоцијација за трансакциска анализа.
Една од клучните области која бара внимание е споделувањето чувства. Податоците од истражувањето откриваат дека 43% од младите се чувствуваат неутрално, а 17% непријатно кога разговараат за своите емоции. Слично на нив, 26% од родителите, исто така, се чувствуваат непријатно кога треба да разговараат за емоционалните состојби на своите деца. Ова несоодветно споделување на чувства може да има значајни последици врз менталното здравје на младите, кои се во фаза на интензивни емоционални промени и предизвици.
Но, анализата покажува дека кога се случуваат грешки или конфликти, родителите обично реагираат конструктивно, односно 33% од нив се трудат да ги слушаат перспективите на своите деца и да понудат поддршка. Младите, пак, се чувствуваат удобно кога разговараат за лични предизвици (41%). Ова ја нагласува важноста на конструктивната комуникација, но и потребата за дополнителна емоционална поддршка.
„Довербата е исто така базичен елемент во взаемните односи. Половина од младите чувствуваат доверба кон родителите кои им дозволуваат да преземат одговорност за своите постапки, а 60% разговараат отворено и смирено со нив. Исто толкав процент од анкетираните родители одговориле дека им дозволуваат на своите деца да носат одлуки соодветни на нивната возраст. Сепак, околу 40% од младите тешко го изразуваат своето внатрешно чувство, што ја нагласува потребата за отвореност и подобрување на емоционалната комуникација“, вели Скепароска Петковска.
За булнигот често не се зборува
Како сериозен проблем се истакнува и булингот меѓу младите, кој влијае врз нивната психолошка и емоционална благосостојба и води кон чувство на изолираност, стрес и депресија кај жртвите. Спречувањето на булингот бара посветеност од сите членови на заедницата, вклучително и родителите, училиштата и самите млади, за да се создаде безбедна и поддржувачка средина.
„Според мене, булингот е една од најзначајните теми за која што треба да дискутираме и тема која што е најзначајна за младите. Освен сајбер булингот, многу присутно е меѓуврсничкото насилство. Притоа, младите често немаат храброст отворено да зборуваат за искуствата на оваа тема, заради што е потребна поддршка од сите – од семејството, пријателите, училиштата, стручните служби, за да се справат со проблемите на кои наидуваат“, вели Стефани Давидовска, психолог во СОУ„Ѓорче Петров“ од Крива Паланка.
Како најчувствителни и најдискриминирани во поглед на менталното здравје се посочуваат младите со попреченост за кои нема доволно регулативи и програми со кои сериозно ќе се работи на специфичните потреби при нивниот ментален развој. Претседателот на ЦПЛП„Порака“ од Крива Паланка, Михајло Колевски, смета дека мора да се разговара и за менталниот хендикеп.
„Добро е што имаме инклузивно образование и што се вклучуваат образовни асистенти за лицата со попреченост. Но, тие се со децата до 11-12 часот. За двајца родители кои работат тоа е голем проблем. Затоа, правиме напори за промени во законската регулатива, со кои сакаме лицата со аутизам да ги вклучиме во дневните центри за лица со попреченост како еден вид продолжен престој. Ниту тие , ниту родителите не би биле препуштени сами на себе и не би се чувствувале дискриминирани“ вели Колевски.
Анализата беше презентирана на јавна дебата „Моќта на комуникацијата за подобро ментално здравје“, во Europe House Крива Паланка, на 21 ноември годинава, каде се отворија конструктивни дискусии и беа дадени препораки за проактивно меѓусекторско делување врз развојот на младите.
Активностите се дел од проектот „Здружени за активно граѓанство“, што го спроведува НВО Инфоцентар, со финансиска поддршка од Европската Унија.
Авторка: Сузана Николиќ
Прилогот е подготвен со поддршка од Европската Унија во рамки на проектот „Здружени за активно граѓанство“. Содржината е единствена одговорност на авторот, и на никаков начин не може да се смета дека ги одразува гледиштата на Европската Унија.
Фотографија: Unsplash