По објавата на Македонски железници на возниот ред за 2025 година, стана и официјално дека линиите Скопје – Кочани и Скопје – Кичево и во следниот период ќе останат без воз.
Во возниот ред стојат линиите кон Кочани и Кичево со временска табла, но со ѕвездичка е нотирано дека возовите кон исток и запад „привремено не сообраќаат“, а тоа привремено ќе биде најмалку до првата половина од годината.
„Патничките возови кон Кичево и Кочани се предвидени со возниот ред, но ќе започнат да сообраќаат некаде околу половината на идната година, за да не бараме ад-хок траси тогаш кога би тргнале, тоа поскапо би не чинело“, велат од МЖ Транспорт.
Освен што овие две домашни линии ќе останат без возови, нема да сообраќаат ниту меѓународни линии кон Србија, Грција и Косово.
Повторно се воведува линијата кон Гевгелија. Возовите од Скопје ќе тргнуваат во 6:20 и ќе пристигнуваат во Гевгелија во 08:59, а попладневната линија ќе тргнува од Гевгелија кон Скопје во 17:02, а ќе пристигнува во 19:32.
Оваа линија повторно се враќа поради санирање на дефектот на кинескиот воз на електричен погон, кој беше во дефект од 27 март 2024.
Со оваа линија, Гевгелија добива 2 линии дневно, а остануваат постоечките 3 линии за Битола и 3 за Велес.
Тетово, Гостивар, Кичево, Штип и Кочани остануваат железнички отсечени од Скопје.
Патниците од овие градови железниците ги заменуваат најмногу со автобуски превоз, а некои градови, како Штип и Кочани, од ковид пандемијата наваму имаат значително намален број на автобуски линии кон и од Скопје, што знаително го отежнува транспортот на луѓе кон главниот град и назад.
(М.К.)
Фото: Железници на РСМ Транспорт А.Д. Скопје