Ситуацијата со депонијата Буково останува алармантна. Граѓаните се гушат, а општините не превземаат ништо. Над 130 лица во Охрид годишно умираат поради аерозагадувањето. Депонијата гори и од самата себе, дури и да нема кој да ја пали. Водите од депонијата се слеваат во подземните води и реки кои истекуваат во Охридско и Преспанско езеро. Депонијата воедно го загадува и Ресен со подземните води.
По денешната прес-конференција на граѓанската инцијатива „Збогум Буково“ каде беа презентирани заклучоците од панел-дискусијата со повеќе општествени чинители, Драгана Карашова која е една од најгласните активистки во однос на проблемот со депонијата вели дека населението мора да се разбуди и мора да разговара за проблемите.
„До јуни 2025 година ќе биде завршена целата техничка документација за изградба на регионалната депонија која треба да биде изградена до 2027 година во општина Новаци. Дури 20 отсто од населението во Македонија умира од аерозагадувањето, односно загадување на воздух, вода и почви. Тоа резултира со белодробни загадувања, канцер, изхемични заболувања, па дури и дијабетес. На дискусијата беа поканети сите 18 општини од овој регион и никоја од општините не беше присутна. На нас ни е особено важно и општина Новаци да се појави и да биде присутна на ваков вид на настани бидејќи тие имаат проблеми со населението таму кое мисли дека регионалната депонија која треба да биде направена таму е иста како со нашите ѓубришта моментално. Сакаме да се подигне во однос на тоа што значи стандардна депонија која не ја загадува животната средина и што всушност значи едно ѓубриште“, вели Карашова од граѓанската инцијатива „Збогум Буково“.
Пред неколку години е изгубен грант за регионалните депонии па од тогаш Европската Комисија го промени начинот на давање на тие средства. Од Европската банка за развој се обезбедени 55 милиони евра плус 22 милиони евра грант за изградба на сите пет регионални депонии. За регионалната депонија во Новаци се предвидени 34 милиони евра.
Во однос на отпочнување на проектот, во овој регион општина Прилеп засега има најмногу направено.
„Општина Охрид пак нема некоја конкретна кампања. Ние како граѓанска иницијатива Збогум Буково им се понудивме и беше прифатено да помогнеме во изградба на таа кампања бидејќи треба да се информира целото население. Од панел-дискусијата на која беа присутни Ана Каранфилова Мазневска, раководител на сектор за управување на отпад од Министерството за животна средина, Емил Ангелов, координатор на проектот за спроведување на планот за управување со отпад, професорот Драган Ѓорѓев, специјалист по здравствена екологија, како и Блаже Јосифовски од Гоу Грин Скопје се дојде до заклучок дека проблемот е со спроведувањето на стратегијата за регионалните депонии и дека многу години се доцни со неа“, вели таа.
Карашова додава дека Министерството ги завршува своите обврски и дека општините се тие кои треба да ја завршат работата.
„Општините треба да формираат меѓуопштинско претпријатие кое ќе го тера процесот. Општините не се ангажираат за проблемот бидејќи тоа не им е приоритет. Кога ќе им биде приоритет, ќе најдат сите време. Очигледно и на државата ова не им е приоритет. Затоа ние планираме да правиме притисок и на повисоко ниво ова да стане приоритет. Охрид се наоѓа во гасна комора. Тоа не е само поради депонијата, туку е поради сите донесени политики. Нашите болници и школи согоруваат мазут. Државата треба да направи план за урбанизација кој нема да направи лавиринт од градовите. Охрид многу често е позагаден град дури и од Скопје. Мора да се сопре со сечење на дрва, мора да се градат урбани шуми, зеленило, има мерки кои една општина ја прават отпорна кон загадување, еколошки чиста“, објаснува Карашова.
Оваа граѓанска иницијатива секој месец ќе ја известува јавноста за целиот процес.
„Ние ќе вршиме притисок на сите нивоа. Ќе бараме решение и за депонијата Мауцкер, депонија која се појави во последните 15 години и за кој никој не зборува. Ќе имаме јавни анкети, едукативни работилници, настани за да се обединиме во барањата за управувањето со отпадот. Ние имаме формирано работна група која ќе влезе во работните состаноци на сите надлежни органи и ќе го следиме целиот процес. Во Охрид инспекторите не си ја вршат работата, затоа и има предлог за комунална полиција. Дали е на можно на толку ѓубре да има 0 казни? Тоа е неверојатно“, додава таа.
Обезбедени се средства за изготвување на техничка документација за затварање на депонијата во Буково и истата треба да биде завршена до крајот на 2025 година. Буково треба да биде затворен во моментот кога регионалната депонија ќе започне со работа, а планот е тоа да биде 2027 година.
Депонијата во Буково постои над 50 години и истата ги има пробиено сите зададени рокови за употреба. Таа депонија е полна со секаков отровен отпад, истата постојано е запалена, нејзиното јадро постојано гори бидејќи е полна со метан кој е лесно запалив и кој придонесува за стаклената градина и климатските промени.
Карашова потенцира дека ние во државата треба да имаме функционални железници, функционални јавни превози, да се намали возењето на автомобили и дека е потребно да се работи и на гасификација со тоа што ќе бидат искористени обновливите извори на енергија.
„Жалното е што никој веќе не се шокира од бројките за загадувањето, а нашите деца растат мислејќи дека ова е нормално, воопшто тоа не е нормално. Ние сме далеку назад. Ние разговараме за тоа колку е штетно. Не треба да разговараме за тоа, веќе тоа се знае. Треба да се разговара за тоа што треба да се направи“, децидна е Карашова.
Кристијан Трајчов