Сопругата на градоначалникот на Радовиш од редовите на ВМРО-ДПМНЕ Ацо Ристов, судијката Данка Ристова е избрана за нов член на Судскиот Совет. Таа ќе замени Лорета Ѓорѓиева чиј мандат истече. Изборот е направен преку гласање од судиите во Штипското апелационо подрачје, каде Ристова добила мнозинство гласови.
Според СДСМ станува збор за скандал и за партизација на Судскиот совет од страна на ВМРО-ДПМНЕ, а од ВМРО-ДПМНЕ, матичната партија на сопругот на избраната, уверуваат декла таа не партиски послушник како „послушниците на СДС и ДУИ“.
-Наместо реформи гледаме брuтална партизација на судството, би рекла дури и окупација од страна на ВМРО-ДПМНЕ. Ова се партиски инсталации во судството како во време на режимот. Истото тоа што го правеше ДПМНЕ порано се прави и сега. Чист обид за поставување на контролирано, партиско судство кое нема да служи на граѓаните, туку на нивните интереси, рече Богданка Кузеска од СДСМ, за изборот на Данка Ристова.
Од ВМРО-ДПМНЕ пак се уверени дека ниту мажот ниту партијата на мажот-градоначалник ќе и се меша во работата на Ристова. Премиерот Мицкоски е оној кој силно го напаѓаше составот на Судскиот велејќи дека е партиски и непрофесионален.
-Градоначалникот на Радовиш, Ацо Ристов, како и сите градоначалници, има јасно дефинирани ингеренции поврзани со локалното управување и решавање на секојдневните проблеми на граѓаните на својата општина. Тврдењата дека тој на кој било начин може да влијае врз институција како Судскиот совет, која е независно тело, се само уште еден доказ за очајот на СДСМ и нивната потреба да фабрикуваат скандали. Данка Ристова е докажан професионалец, кој повеќе од 30 години е во правосудството, и таа е избрана со мнозинство гласови на непосредни избори, каде гласале судиите од Штипското Апелационо подрачје, вклучително и Струмица и околината, одговараат од ВМРО-ДПМНЕ.