Употребувањето на странски зборови во секојдневната комуникација, особено кај помладите претставува сериозен проблем. А трендот за познавањето на странски јазици што важи за доблест, зема се поголем замав. Познавањето и говорењето на странски јазици, особено на англискиот јазик, толку многу е распространет меѓу помладите генерации, што дојдовме до ситуација тоа да биде на сметка на македонскиот јазик.
Сè повеќе деца и млади имаат сè помали познавања од мајчиниот, македонски јазик. Состојбата е толку алармантна и на ова треба да се превземат одредени чекориЗа темата разговаравме со Верица Милорадова, дипломиран професор по македонски јазик и книжевност во СОУ „Коле Нехтенин“ во Штип.
Младите луѓе и децата сè поретко го користат македонскиот јазик во меѓусебната комуникација. На што се должи тоа?
-Влијанието на англискиот јазик преку развојот на компјутерските науки и технологии, користењето на јазикот уште од најмала возраст, преголемата ориентација кон мобилните телефони, придонесува младите секојдневно да го пополнуваат својот речник со англицизми и на тој начин да ги истиснат македонските термини од својата комуникација. Интернетот е полн со содржини на англиски јазик, а содржините на македонски јазик се оскудни. Се оди дотаму што децата наместо македонски, учат прво англиски јазик.
Воочливо е дека освен падот во употребата на македонскиот јазик, младите имаат и сè помал фонд на зборови од јазикот, па најчесто ги надополнуваат речениците со англиски зборови и изрази?
-За жал, младите воопшто не сакаат да читаат книги, па дури и кога имаат дигитална верзија на книгата. Одбивноста кон убавиот збор и приврзаноста кон социјалните мрежи се виновници за оскудниот вокабулар кај младата популација. Чести се примерите каде младите користат збор на англиски јазик, но не можат да пронајдат соодветен термин на својот мајчин јазик. Поради малиот зборовен фонд кој го имаат, тие не можат правилно и целосно да се изразат македонски, па се обидуваат да го надополнат својот израз со користење англиски зборови.
Сметате ли дека на долг рок ова претставува сериозен проблем или е минлив тренд?
-Апсолутно е проблем. Тоа што кај младата популација се појавува одбивност кон читањето книги, може да биде сериозен проблем во иднина. Ние на часовите ги учиме мислите за јазикот од великаните на македонскиот јазик и македонската книжевност, но се чини дека учениците тоа не го сфаќаат многу сериозно. Јазикот ни е свет аманет и ние сме должни да го одржиме, да го збогатиме и да го зачуваме од заборав. Македонскиот јазик мора да постои додека постои и последниот Македонец. Како сведоци на оваа „пандемија“, мораме да преземеме сериозни чекори за да ја насочиме младината на вистинскиот пат.
Велат дека јазикот е неразделен дел од мислата. Не случајно јазикот кој се користи во домот и семејството се нарекува мајчин јазик. Како успеваме децата растени во семејство и дом во кои се разговара на македонски јазик, толку да се отуѓат од својот мајчин јазик?
-Мајчиниот јазик е коренот на нашето постоење и тој е клучен во градењето на нашиот идентитет. Родителите како први учители на своето дете ја имаат улогата да ја создадат љубовта кон мајчиниот јазик. Во ова динамично време, родителот најчесто одбира цртан филм или некоја интересна програма на странски јазик за анимација на своето дете додека тој ги врши своите обврски. И овде, реално, се прави грешка. Цртаните филмови треба да бидат на македонски јазик, родителите да разговараат со своето дете за тоа како поминало во градинка или во училиште, да го мотивираат да го прераскаже тоа што му се случило во текот на денот, зашто само така ќе успееме да придонесеме во градењето подобар начин на изразување на младите. Сè додека ја одбираме полесната опција, мајчиниот јазик ќе биде туѓ за нашите деца.
Што треба да направиме за да ја подобриме оваа состојба? Како да ги натераме децата и младите да си го сакаат мајчиниот јазик?
-Ова е задача за сите чинители во општествената заедница. Читањето приказни, користењето едукативни сликовници и книги на македонски јазик можат да ја влеат љубовта кон јазикот во срцата на децата. Создавањето на книжевни настани во кои ќе се прави афирмација на јазикот, може да придонесе за да се подобри оваа состојба.
Мартин Каровски
Фото: Приватна архива