Обичен политички фолклор – вака ја искоментира оставката на Весна Дамева, претседателката на Судскиот совет, државниот секретар во Министерството за правда, Дејанчо Ефтимов.
„Оставката на претседателката на судскиот совет е политички фолклор, бидејќи на истекување на неколку дена од мандатот, поднесување на неотповилкива оставка е всушност политички маневар и политички фолклор. Во однос на ова можам само да констатирам дека потегот којшто го направи е добар во насока, дека конечно се одважија да истите бидат пример дека сите оние коишто се инволвирани и во највисоките судски инстанци и правосудниот систем, ќе сносат одговорност доколку не постапуваат согласно позитивните законски прописи, односно, истата ако постапуваше со темпото, односно динамиката, којашто сакаше да ја воспостави врз основа на заклучок од колегиум, да го продолжи мандатот, истата ќе навлезеше во прекршување на позитивните законски прописи, конректно на Кривичниот законик, членот 353, со тоа што истата ке правеше кривично дело и за што истата ќе имаше и индивидуална одговорност, вели Ефтимов.
Во однос на обвинувањата од Дамева дека има мешање во независноста на судската власт, Ефтимов вели дека не станува збор за притисок, туку за барање на правда и отчетност.
„Во однос на изјавата дека извршната власт се меша во судската власт, тоа на сите ни е јасно. Не само членовите на извршната власт и сите релевантни, и меѓународни, а и домашни, и експерти и меѓународни организации потенцираат дека не функционираат правосудните органи, конкретно и судскиот совет. Во однос на изјавите, коишто повеќе ги имаше политички, отколку стручни како претседател на Судскиот совет, повеќе се држеше на политички тези во однос на тоа дека достигнувањата во нејзиниот мандат во судскиот совет биле на незавидно ниво. Сите знаеме дека имаме нефункционален судски совет, којшто работи под капата на одредени поголеми структури, коишто имаат влијание врз нив. Не станува збор за никаков притисок, туку за барање на правда и отчетност и воспоставување на владеење на правото во правосудството и во Република Македонија, додава Ефтимов.
Инаку, денеска во Штип се одржа третата расправа за измените и дополнувањата на Законот за судски совет.
„Токму судскиот совет, целта за којашто е основан е всушност независност и стручност на целокупниот правосуден систем и тоа е телото коешто ги регулира сите текови во однос на судските постапки. Тому затоа од овде тргнуваме со стручни дебати во сите апелациони подрачја и со стручната јавност, за да можеме да изготвиме едно сеопфатно решение коешто ќе биде имплементирано и ќе допринесе да бидат надминати сите аномалии за што имаше и препораки од оценската комисија во 2023. На ова законско решение работи и посебна експертска група која што е во рамките на министерството, а секако добредојдени се сите предлози и ставови од сите кои што можат да бидат додадена вредност во однос на подобрување на законското решение, се со цел подобрување на состојбите во правосудниот систем, коишто знаеме дека се на едно многу ниско ниво, односно самата доверба во правосудството е на маргините на статистичка грешка, подвлекува Ефтимов.
Инаку, конечното предлог законско решение од министерството за правда до Владата и одтаму до Собранието ќе дојде откако ќе се завршат дебатите и во апелационите подрачја Гостивар и Скопје и одтаму ќе се комплетираат сите забелешки, предлози и препораки на стручната јавност.
(М.К.)