Државниот јавен обвинител Љупчо Коцевски поведе дисциплинска постапка против јавен обвинител од Вишото јавно обвинителство Скопје заради нестручно и несовесно работење во 4 предмети во кои се откажал од жалба или обвинение. Предлог за поведување дисциплинска постапка е поднесен и против Вишиот јавен обвинител на Вишото јавно обвинителство Скопје пред кого била реферирана и со чија согласност била донесена одлука во три од наведените предмети, како и поради констатираните неправилности во начинот на заведување на предметите во Вишото јавно обвинителство Скопје.
Во соопштението од ЈОРМ се најавува сериозна реорганизација на Обвинителствоа, како што стои по „апелите од извршната власт и од јавноста воопшто за зголемување на активноста на сите истражни органи, а особено на Јавното обвинителство во борбата против корупцијата“.
„Во таа насока, Јавниот обвинител на Република Северна Македонија донесе Задолжително упатство со кое заради заштита на јавниот интерес и за поефикасно откривање и гонење на кривични дела и нивните сторители, се задолжуваат сите јавни обвинители итно да дадат приоритет во постапувањето по предметите за кривични дела од областа на корупцијата и од особен јавен интерес. На ваквите предмети приоритет ќе се дава и во преземањето на дејствијата од страна на истражните центри на јавните обвинителства, а сите обвинители кои имаат во работа такви предмети се задолжени итно да извршат нивно ажурирање во смисла на проверка на преземените дејствија и на веќе издадените наредби и барања и на пристигнатите одговори од надлежни органи и институции. Доколку по издадени наредби и барања не е пристигнат одговор или соодветни податоци од надлежни институции и органи во законски определениот рок, веднаш ќе бидат испратени ургенции за итно постапување, пишува во соопштението.
Основните јавни обвинители на основните јавни обвинителства се задолжуваат во рок од 10 работни дена по донесувањето на Упатството да одржат стручен колегиум со сите јавни обвинители во основните јавни обвинителства на кој ќе го разгледаат обемот на работа на конкретното обвинителство во однос на предмети од областа на корупцијата по број на предмети, подносители, преземени дејствија и активни издадени наредби, ќе ги анализираат предизвиците при постапувањето во таквите предмети и ќе изнесат предлози за нивно надминување со цел поефикасен кривичен прогон.
Вишите јавни обвинители на вишите јавни обвинителства се задолжуваат во рок од 10 работни дена по донесувањето на Упатството да одржат стручен колегиум со сите јавни обвинители во вишите јавни обвинителства на кој ќе го разгледаат обемот на работа на конкретното обвинителство во однос на предмети од областа на корупцијата, предизвиците при постапувањето во таквите предмети во втор степен и предлозите за нивно надминување со цел поефикасен кривичен прогон.
За сите овие активности ќе бидат доставени извештаи до Јавниот обвинител на РСМ, а доколку биде констатирано неоправдано одолговлекување на постапките ќе биде извршен вонреден надзор над постапувањето на соодветните јавни обвинители.