Покачување на парите од мерката Субвенциониран студентски оброк за 20 денари или задржување на актуелните 140 денари, но со проширување на бројот на студенти кои ќе имаат право на студентски оброк. Ова е дилемата во Министерството за образование и наука за измената која треба да се случи веќе во јануари.
-Нема дилема дека ние можеме да го покачиме и сме планирале да го покачиме студентскиот оброк, но сѐ уште разговараме со студентите, затоа што тие имаат и некаква поинаква идеја, сметаат дека за 140 денари можат да добијат во одредени маркети, ресторани, комплетен оброк, а дека би можело да се прошири опсегот, на пример, и студентите кои работат парт тајм, а сѐ уште не постигнале одредена сума на средства, би можеле и тие. До крајот на годината ние тоа ќе го дефинираме и ќе се знае во јануари дали ќе добијат 160 денари студентски оброк или ќе се прошири опсегот, вели министерката за образование и наука, Весна Јаневска.
Студентите инсистираат наместо покачување за 20 денари, да се прошири бројот на студенти кои ќе имаат право на оброк, додека самите студентски организации успеваат да испреговараат комплетни оброци за студентите за сегашните 140 денари со маркети и ресторани.
-Нашиот став е, затоа што тие средства, 140 денари, со преговори на студентите со одредени маркети и ресторани, во тие маркети и ресторани се доволни за оброк, ние сме повеќе заинтересирани за проширување на мерката на поголем број студенти, поточно на некои 3000 до 4000 студенти, кои во моментов работат. Поточно бараме со мерката да бидат опфатени студентите кои работат, студентите приматели на семејна пензија и студенти основачи на здруженија. Мерката се нарекува „субвенциониран“ оброк, значи процентуално учество во цената на оброкот, но ние самите со нашите преговори успеваме да го шириме бројот на маркети и ресторани кои даваат попусти и овозможуваат целосно покриен оброк за 140 денари и ќе продолжиме да работиме на тоа, но во никој случај не сметаме дека треба да бидат дискриминирани студентите кои работат или основаат здруженија, затоа што нивниот труд треба да се наградува, а не да се смета за маанa, смета Александар Николовски, претседавач на Националното студентско тело и Претседател на студентското собрание на УКИМ.
Конечната одлука Министерството ќе ја донесе до крајот на годината, а за тоа која од двете опции ќе ја избере претходно ќе преговара со студентските организации.
(М.К.)