Солзи, радости, песна, еуфорија, емоција и аплаузи! И сето тоа на концерт на македонска музика во преполната сала во „Борис Трајковски“. Убавина од распеани лица, кои дојдоа да ја поддржат „Меморија“ на нивниот славенички концерт.

„Меморија“ создаде моменти за паметење и раскажување, успеа да ја држи публиката на нозе од почеток до крај, не само со песните, туку и со добро осмислени моменти, за кои ќе се зборува.

А се почна со патриотски песни, кои ги снимија изминатиов период и неизбежната „Мкедонија“, кој уште од стар ја распеа публиката. И се редеа песни и гости, како Андријана Јаневска, Дани, Сара Мејс, Ружица и Ивица од „Ареа“ и харизматичното и насмеано лице на младото момче од Прилеп, Филип Николовски, кое се движи со помош на количка, но и покрај тоа одбрал животот да му биде песна.

А тоа го потврди и Ристо Самарџиев, кој заедно со Филип на сцена ја отпеа „За добро нека е“, негова авторска, која ја пее на настапите во кафулињата во Прилеп.
– Животот знае да биде непредвидлив и суров, Но, Филип одбра да го тера животот со песна. Вечерва тој пее тука со нас, а ние ќе одиме во Прилеп по кафулињата каде што настапува тој, рече Ристо и заедно со Филип и Петар Георгиевски седнаа на столче и ја отпеаја неговата песна.

Уште еден емотивен момен се случи на песната „За тебе“, посветена на починатата сопруга на пејачот Поце Икономов. И покрај сите напори, сепак, Поце не успа да издржи да ги сопре емоциите и солзите, па се расплака на крај. Не сакаше публиката да му ги види солзите, но таквата емоција не остана незабележана.
„Те сакам“, рече тој, погледна нагоре и замина кај тапанарот за да ги избрише солзите и да може продолжи.

Концертот неколку пати беше како ѕвездено небо, имат „Меморија“ песни, дел од нив се пееја во хор со публиката. А за пофалба се и младите, кои ги пополнија редовите пред бина, а кои не биле ни родени кога песните се создавале, но ги знаат и треба да ја знаат, нашата, македонска музика.

Душа полна од македонска музика, срце трепери од полната и распеана сала. Три часа убавина со „Дирлада“ за крај, песна, која воскресна на повратничкиот концерт во 2017 година со „Блезери“ и без која не поминува ниедна забава.

И „Оган под ѕвездите“ за бис, за нашите ѕвезди, за нашата музика….
Весна Миленковска
Фото: Вангел Тануровски






