Климатските промени прават енормни штети во сточарството. Разните климатски влијанија, како што се високите температури во летото или наглите промени во температурите на есен, го намалуваат приносот на млеко за високи 30 проценти.
На денешната студентска конференција на тема „Критички прашања во земјоделството и животната средина”, која се одржа на штипскиот Земјоделски факултет, експертите рекоа дека решението го гледаат во мерки во целиот синџир на производство на храна.
„Треба да се работи на целиот синџир на производство на храна. Треба да се обидеме да го унапредиме сточарското производство преку внесување на високо продуктивни грла, да им ги обезбедиме неопходните услови за сместување, се со цел да дадат максимална продукција, било да се работи за млеко, било да се работи за животни кои што се одгледуваат за тоа, за производство на месо, на јајца. Секако дека сите тие сектори се значајни во земјоделското производство и дека треба да се работи на подобрување на генетиката, стручните кадри од земјоделското производство, мора активно да се вклучат во целата таа успешна приказна. Прашањето е комплексно, но треба да се почне од некаде, а тоа е дека треба прво да се едуцираат фармерите за новите добри земјоделски практики, треба да се подобри сточниот фонд, треба да се зголеми продуктивноста и на крај секако да добиеме високо вредни производи, како што се млеко, млечни производи, месо и месни производи и јајца, кои што ќе ги задоволат потребите на нашето население од неопходните хранливи продукти“ смета проф. д-р Димитар Наков од Земјоделскиот факултет во Штип.
Зголемувањето на бројот на високопродуктивни грла, не значи и напуштање на автохтоните сорти.
„Секако дека нашите автохтони видови треба да си ги задржиме, бидејќи тие се поробусни и поиздржливи на промените кои што ни се случуваат, секако дека ако земеме во обзир дека сточарското производство, освен органското и екстензивното, како што е одгледувањето на овци и кози, се сместени во објекти и малку помалку влијаат климатските промени, меѓутоа мораме сточарството да го земеме како една целина, бидејќи не е само одгледувањето на високо продуктивни животни, тука е и исхраната, а таа е неминовно поврзана со примарното земјоделско производство, кое што ги дава неопходните суровини за исхрана на животните и од тој аспект мора целиот синџир на производство на храна да го гледаме како една целина, убаво е да ги задржиме нашите автохтони видови на домашни животни ради биодиверзитетот, меѓутоа добро е да се подобри генетиката со високопродуктивни грла, кои што ќе овозможат порентабилно сточарско производство, додава Наков.
Се очекува дека климатските промени ќе имаат поразителни ефекти и врз земјоделието. Според извештајот на Европската агенција за животна средина од 2019 година, проекциите индицираат дека приносите на незагадените култури како пченица, пченка и шеќерна репка ќе се намалат во јужна Европа до 50 проценти до 2050 година, а според истите проекции, вредностите на обработливо земјиште ќе се намалат во јужниот дел од Европа за повеќе од 80 проценти до 2100 година, што може да резултира со целосно напуштање на земјиштето.