Законски измени кои ќе обезбедат санкции за секоја злупотреба на судскиот систем која резултира со притисок врз новинари. Во ова барање се едногласни и Здружението на новинари на Македонија и Синдикатот на новинари и медиумски работници. Тие заеднички реагираа дека на новинарите и на медиумите воопшто им е потреба заштита од манипулативните тужби кои како што велат, најчесто доаѓаат од моќниците во политиката или бизнисот.
Таканаречените слеп (SLAPP) тужби се директна закана за слободата на медиумите, исцрпувајќи ги нивните ресурси – се пожалија новинарите.
Претседателот на ЗНМ, Наум Чадиковски појасни дека во моментот има два случаи кои бараат итна истрага:
„Првиот е палењето на автомобилот на наш колега во Штип, вториот е следењето и снимањето на новинарка. Видеоматеријал кој со медиумите ги сподели обвинител и тоа според нас е флагрантно кршење на нејзината безбедност“, рече Чадиковски.
Тој се осврна и на барањето правда за собраниските случувања на 27-ми април 2017 година:
„Иако по цели седум години има одреден напредок во процесите кои се поврзани со нападите врз новинари кои се случија на 27 април 2017 година во Собранието, сепак и во овој случај сѐ уште нема целосна правда за новинарите. Борбата против неказнивоста на злосторствата е директно поврзана со демократските вредности. Затоа бараме итно решавање на сите отворени случаи во кои врз новинари се применува насилство. Реформи во правната регулатива за слеп тужбите“.
Дискредитација, закани и заплашувања – алармантни податоци до кои дојде ССНМ
Претседателот на ССНМ, Павле Беловски ги сподели загрижувачките резултати од анкетата која ја пополнниле 450 медиумски работници:
„Дури 45 проценти од нашите колеги доживеала омаловажување или дискредитација, а 25 проценти се соочиле со тип на закани и заплашувања“, истакна Беловски.
Тој алармираше дека во последните години расте бројот на закани, напади и заплашувања на новинарите. Во меѓувреме пак, во јавните обвинителства во Скопје, Штип, Битола и Тетово се назначени обвинители кои го следат постапувањето во предметите поврзани со нарушување на безбедноста на новинарите.
За ова на денешната прес конференција информираше јавниот обвинител, Љупчо Коцевски кој ѝ се обрати директно на новинарката Мирослава Симоновска која беше следена и снимена, а снимките завршија во дел од медиумите откако зад нив „застана“ вишиот јавен обвинител Мустафа Хајрулахи.
„Мирослава, Основното јавно обвинителство Скопје интензивно постапува по твојата кривична пријава. Те уверувам дека обвинителството презема се за да го расчисти случајот. Знам дека целиот твој случај добива на тежина поради инволвираноста на јавен обвинител, но те уверувам дека јавното обвинителство има механизми со кои ќе обезбеди независно и објективно постапување по твојата пријава“, ѝ порача Коцевски на новинарката.
Тој рече дека ја осудува секоја постапка со која новинарите се предмет на незаконско следење и снимање.
„Јавно ја осудувам и секоја форма на притисок и закани кои се насочени кон замолчување на новинарите и влијание врз нивната работа. Таков однос кон новинарите е и ќе биде недозволен додека јас сум државен јавен обвинител“, додаде Коцевски.
Министерот за внатрешни работи Панче Тошковски изјави дека независно дали станува збор за физичка или вербална закана кон новинари, има сериозен пристап од страна на МВР и останатите истражни органи во третирање на овие случаи.
„Новинарите треба да претставуваат чувари на демократијата и вашето значење во рамки на едно демократско општество не треба да е спорно за никого затоа што кога имаме соодветен степен на слобода на говор, кога имаме истражувачко новинарство, кога имаме сигурни и безбедни новинари, кога имаме забрана за цензура во рамки на едно општество, така може да се надеваме дека ќе се качиме на скалилата кои што би требало да не доведат до едно нормално демократско општество“, оцени Тошковски.
Денешната прес конференција беше организирана по повод Меѓународниот ден за ставање крај на неказнивоста за злосторствата против новинарите кој се одбележа на втори ноември.
Целта на овој ден е да се сврти вниманието на високиот процент на неказнивост на злосторствата над новинарите, кој останува глобален предизвик. Статистиката говори дека од 2006 до 2024 година убиени се над 1700 новинари и медиумски работници ширум светот, при што во речиси 90 проценти од случаите изостанала правдата, односно или не се расчистени случаите или нема судски епилог.
„Од почетокот на судирот во Газа лани во октомври животот го загубиле 146 медиумски работници. Во Северна Македонија, како и во многу други земји, овој ден е можност да се алармира дека неказнивоста на насилствата продуцира нови напади и ги охрабрува насилниците, а кај новинарите и медиумските работници предизвикува страв дека ќе бидат мета на закани, цензура и автоцензура“, рече новинарката Маја Јованоска.
Овој ден се одбележува за да се сврти вниманието на прашањето за неказнивост, што се однесува на неизведувањето пред лицето на правдата на сторителите на кривични дела против новинарите и медиумските работници.
(В. Ми)