Неодамна на Универзитетската клиника за хируршки болести „Свети Наум Охридски“ во Скопје беше извршена првата операција потпомогната од технологија за виртуелна реалност (VR). Д-р Стефан Арсенков, абдоменален хирург во болницата и ко-основач на компанијата 3DLoom (3ДЛум) ја изведе оваа операција и извади жолчно ќесе кај 32-годишна пациентка.
Ова беше повод за разговор со д-р Арсенков, кој ни откри кои се придобивките од оваа техологија за пациентите и лекарите и што всушност значи виртуелна реалност. И секако, во морето лоши вести од здравството, една добра работа, која ги охрабрува и лекарите и пациентите дека во македонското здравство не е се лошо.
-Користевме вируелна реалност(ВР), односно очила за зголемена реалност. Има мала разлика меѓу аугментирана реалност и виртуелна реалност. Тоа што ние го направивме е аугментирана реалност, односно ја земавме сликата што ја добиваме со камерата при операција да може да ја позиционирам и искористам во фаза каде мене како хирург ми е најзгодно, најергономски за да можам да работам што подобро за пациентот. Кога оперираме лапараскопски, работиме гледајки ја сликата на монитор, но тој монитор не секогаш може да биде на местото каде му е најзгодно на хирургот. Ние понекогаш правиме шеги, дека предноста на хирургот од лапараскопијата е толку голема што пациентите скоро и да немаат болка после операција, но затоа кога е операцијата подолга хирургот после операција го боли се. Стои искривен, во принудна положба, со кренати раце, па мониторот не му е пред очи…. И по операција, која траела, да речеме, 6-7 часа, пациентот по половина час се буди од анестезија свеж и како ништо да не се случило, а хирургот е цел искривен и едвај оди. Болката што при претходните операции ја чувствуваше пациентот, со лапараскопската операција се префрли кај хирургот. Е сега, ова што го правиме ние е обид тој момент, таа болка да се подобри и да се зголеми ефикасноста на хирургот. Со оваа технологија, кога хирургот може да си ја намести сликата како му одговара и да си гледа секогаш право и да биде одморен во текот на операцијата е добро и за пациентот. Хирургот е посконцентриран. Тоа е придобивката од оваа операција. Правевме операција на жолчка, која е релативно кратка операција, завршивме за околу еден час, што значи дека со оваа примена не сме го продолжиле времетраењето на операцијата, туку оваа придобивка се чувствува најмногу при подолгите операции, при уролошки и други подолги.
Која е целта на оваа технологија?
-Ова што сега го направив е прв пат во Македонија, а според мое мало истражување е трето во светот. Прв пат е применето во Индија и во Чиле. Нашата цел е ако успееме да направиме серија на случаи со таква технологија за да ги објавиме и доколку не се промени нешто би можело да биде дури и да се прават серија на случаи на пациенти оперирани со таа технологија. А тоа значи не само што ги следиме туку и ги водиме трендовите во светот од аспект на употреба на новите технологии. Ние пробавме за жолчка, но ВР очилата како технологија најмногу се користат како алатка за тренинг. Во реалена клиничка ситуација се нешто што може да се користи во лапараскопската и ендоскопската хирургија. Во сите момени каде би можело да имаме слика може да ја користиме оваа технологија. Значи може да се користат за најразличен тип на операција. Ние почнавме со жолчка, затоа што можеби таа ни е најрутинирана операција, најмногу искуство имаме и најмалку непознати моменти и би било најбезбедно и за пациентот и за целиот тим. Затоа пак ќе речам дека најголем бенефит е во долгите операции, иако и во оваа операција јас почувствував големо олеснување.
Она што најмногу ги интересира пациентите е дали со оваа технологија има можност за пократкотраен процес и дали се намалени грешките, а полесно е опоравувањето?
-Замислете да треба да се прави операција и за пациентот се е исто, само на едниот хирург треба да му стават камче во чевлите. Кој би го одбрале? Нормално на тој што му е позгодно да оперира, тој што нема да се мачи и да се нервира. Сето тоа јасно покажува зошто на хирургот треба да му биде удобно за да може да го пружи најдоброто за пациентот. Обично, да речеме, јас треба да губам повеќе минути преместувајки го мониторот, а со очилата ми требаат неколку секунди да ја преместам сликата и да продолжам со работа. А пократката операција секогаш е бенефит за пациентот. Ние ништо не одземавме, туку додадовме само еден начин повеќе на кој се гледа сликата. Во случај да има било каков проблем со технологијата потребни се само 1-2 секунди хирургот да ги извади и да си продолжи.
Како дојдовте до оваа метода?
-Патот е само да се има интерес и желба и да се познаваат можностите на технологијата. До сокоро не беше возможно да се направи нешто слично затоа што пастор технологијата, која дозволува гледање на реалната околина, не беше доволно развиена за да може да се употреби во болничка ситуација, особено операција, каде прецизноста е исклучително важна. Последниве две години на пазарот се појавија модели очила кои дозволуваат сликата да биде во реално време, стана возможно да се рзмислува за нешто понатаму. Јас секогаш сум бил вљубеник на техниката и технологијата и се прашав дали можеме и ние. Прво ги испсробував без ништо да поврземе, па гледав што може да се направи со нив врз себе, па откако тоа беше добро баравме да најдеме начин соодветно да се поврзе за да се добие слика од камерата при лапараскопија. Тестиравме неколку месеци, се уверивме дека ќе биде безбедно, комисијата кај нас го одобри и стартувавме.
Како е пациентката?
-Пациентката е добро, веќе вториот ден си замина дома. Немаше никакви конпликации и се е во најдобар ред.
Планирате ли проширување на оваа метода?
-Прво треба да се има желба кај колегите. Убеден сум дека ова ќе стане рутина и секојдневие. Потребно е да има отвореност за соработка и кај колегите и кај институциите. Значајно е да се види дека не мора да чекаме се некој да ни каже однадвор, да доцниме, туку потребно е само да имаме точен тип на луѓе и можеме да постигнеме многу. Мислам дека за среќа не се се уште сите заминати од државата, па може и тука да се најде потенцијал и за работа и воведување нови методи за помош на пациентите.
Претставува ли ова скапа играчка?
-Што е скапо? Има ли цена одредена компликација на пациентот затоа што на хирургот му се згрчиле мускулите и не бил удобно наместен. Колку чини тоа? Мислам дека се што може да вроди со подобрување би требало да биде употребено. Верувам дека ова може многу да помогне за да се спречат компликации. Според мене среќна околност е што имаме систем за здравство таков каков што е, се уште во јавното здравство чинењето на третманот не игра голема улога во изборот на третманот, како што игра во одредени земји и каде осигурителните компании ги диктираат термините на третманот на пациентот. Затоа пак ќе речам, со оглед на тоа колку е скапа една компликација, ова е поевтино. Ако целосно го занемариме хуманиот и човечкиот фактор и зборуваме само од аспект на бројки, пак, ќе прашаме- колку вреди да се спречи една компликација, колку вреди да се третира и колку заштедуваме? Наочарите се приватна соптвеност, не се на болницата. Веќе имаше интерс од повеќе колеги да ја пробаат технологијата, но доколку навистина има интерес не е проблем да се набават толку колку што треба. Поголемиот проблем е да се направи соодветно поврзување за да сѐ биде најбезбедно, за да нема никаков ризик по пациентот.
Кои се придобивките на пациентите?
-Дури до 40 проценти се скратува времето на операцијата, а тоа е добро за пациентот, помалку ризик од инфекции, помал престој во болница, помалку болка…. Веке ги искористивме на над 30 пациенти и горд сум што нема никава компликација. Виртуелната технологија била од корист и кога сме одлучиле дека операцијата е премногу ризична, па пациентот се третира на сосема поинаков начин. Јас сум човек кој си ја сака професијата. Навистина е штета е да не се искористи она што ни го нуди технологијата.
(В.М.)
Фото: Вангел Тануровски