Кропивницки е дом на многу активни и креативни млади луѓе. Поради војната, тука се преселиле уште нови 27.000 деца и тинејџери од други региони на Украина. Иако градот има места каде што младите можат да се поврзат, да споделуваат идеи, да се дружат и да се развиваат, недостигаше креативен и удобен простор на отворено.
Кое е решението?
Ако нема заедницата младински простор на отворено, треба сами да создадете! Токму тоа решија да го направат младите од младинскиот центар „Запирка“ во Кропивницки. Како резултат на тоа, изминатото летово во градот се појави ново место – кино на отворено што се затвора со надоаѓањето на студеното време и повторно ќе се отвори кога со првите потопли денови.
Да почнеме со тоа што всушност претставува младинскиот центар „Запирка“. Отворен во пролетта 2023 година како дел од партнерството помеѓу УНИЦЕФ и невладината организација SCC Zadzerkalya, со поддршка од шпанската влада, центарот е со седиште во Регионалниот центар за детска и младинска креативност во Кропивницки.
Според Кирило Мелник , раководител на младинскиот центар, главната цел на создавањето на овој простор била да се зближат младите луѓе на место каде што би можеле да ги оживеат своите идеи. „Не само бесцелно талкање по улиците, туку осмислено поминување на времето“, додава Мелник.
Младинскиот центар нуди гејминг зона со конзоли, удобен мебел за учење и друштвени игри и е опремен со модерна технологија. Има и мала сцена за стенд-ап вечери и концерти.
Просторот е отворен бесплатно за секој кој сака да учи, да се развива и секако да се дружи со своите врсници. Центарот е насочен кон млади на возраст од 14 до 35 години , кои не само што станаа редовни посетители туку и активни учесници во активностите на центарот.
Зошто се вика „Запирка“? Тоа е всушност кратенка од украинското име – Регионалната младинска асоцијација Кропивницки.
„Но, има уште: запирката е најчесто користениот интерпункциски знак на украинскиот јазик, додава Мелник со насмевка, велејќи: „Сакаме се што е популарно“. Младите луѓе кои ја обликуваат енергичната атмосфера на центарот често се нарекуваат себеси „семејство на инсекти“, споредувајќи ја нивната напорна работа со онаа на пчелите додека тие се стремат да се погрижат младите од Кропивницки да имаат забавни и збогатени искуства“.
Центарот е домаќин на различни активности, од обука за финансиска писменост и работилници за роботика до деловни семинари, состаноци со психолози и вечери на класична музика. Еден од настаните со потпис на центарот стана негови „книжевни вечери“, каде учесниците ја споделуваат својата омилена поезија, проза, па дури и свои дела.
Филмските вечери беа популарни и во „Запирка“, но како што се приближуваше летото, желбата да се изнесат работите на отворено, растеше.
„Ова лето сфативме дека внатрешниот простор веќе не е она што го сакавме. Сакавме нешто летно, нешто со ветре, нешто пријатно. Така се роди идејата за „Запирка под сонцето“. Почнавме да размислуваме каде и како да се случи тоа“, споделија Мелник и 16-годишната Ала Блашченко, администратор на запирка.
Во Регионалниот центар за детска и младинска креативност, каде што се наоѓа „Запирка“, имаше голем двор – напуштен и исполнет со отпадоци. Младите откако разговарале со директорот на центарот, добиле дозвола дел од дворот да го трансформираат во простор за собирање, гледање филмови, дружење и релаксација на младите.
Нивната идеја беше поддржана од невладината организација „Агенција за одржлив развој „Хмарохос“ преку проектот „Хаб на одржливост на младински центри и простори на Кропивничина“, поддржан од Програмата „Тримаи“. Откако беше обезбедено одобрението, тимот почна да работи. Најпрво го исчистија дворот, а по проценката на обемот на проектот, почнаа да размислуваат и да го дизајнираат концептот за идниот летен кино простор.
„Собравме, планиравме, скициравме, па дури и преземавме слики од интернет. Минатата година, нашиот тим отиде на едукативна турнеја во неколку украински градови (Лвов, Виница), каде посетивме некои одлични младински центри. Тоа навистина ни помогна да разбереме што најдобро би функционирало“, се сеќава Блашченко.
Оригиналната визија за летното кино беше едноставна – петочни вечери, свеж воздух во дворот на младинскиот центар, со вреќи, ќебиња и заедно гледање омилен филм. Но, како што напредуваа дискусиите, стана јасно дека има потреба од повеќе од само кино. Ним им беше потребен простор во кој може да се одржуваат проекти, забави, перформанси и уметнички лаборатории. Така, на планот беа додадени дополнителни елементи – маси, клупи, шатори, светилки – и тогаш започна вистинската работа.
За да се создаде простор, купени се многу палети, како што објаснува Мелник, бидејќи тие се „најкул“ и наједноставен материјал достапен за секого. Младите сами го направија целиот мебел. Благодарение на објавите на социјалните мрежи, многу млади луѓе и студенти се приклучија за да помогнат во создавањето на просторот со свои раце.
„Веќе научивме дека најдобрите простори се оние што младите самите ги создаваат, а не оние што им ги прави владата или другите. Зошто? Затоа што нешто изградено од ваши раце се цени многу повеќе. Околу еден месец се собиравме за време на викендите за да се наслика, да се сече, да се шмири и да се доведе сè во ред, повеќе или помалку, бидејќи има уште повеќе да се направи и многу работи што би сакале да ги додадеме за да го направиме ова целосно реализиран и навистина кул простор. “, вели Мелник.
„Јасно се сеќавам на атмосферата – сите се собраа кога ѕидот се чистеше и се поставуваше. Повеќето од младите луѓе кои помагаа тогаш, сè уште доаѓаат на „Запирка“ речиси секој ден, без разлика дали да разговараат за плановите, да играат PlayStation или само да се дружат надвор“, вели Блашченко.
Кога се беше подготвено за отворањето, невладината „Агенција за одржлив развој „Хмарохос“ предложи летниот простор да се лансира со фестивал на отворено наречен „Амбасадори на безбедноста“.
Дали навистина успеаја?
Повеќе од сто луѓе присуствуваа на официјалното отворање на „Запирка под сонцето“ на 9 август. Не беа само млади луѓе – имаше посетители од сите возрасти, од деца до баби и дедовци кои ги донесоа своите внуци.
Летниот простор се отвори со фестивал полн со интерактивни активности. Имаше работилница за сајбер безбедност, полициска обука на која тинејџерите можеа да пробаат „пијани очила“ (очила што симулираат разлика помеѓу трезвена и нарушена перцепција), разни работилници и креативни мастер-класи и, се разбира, атмосферска вечерна проекција на филм.
„Сите многу уживаа; имаше по нешто за секого и сите беа многу задоволни“, споделува Мелник.
„Запирка под сонцето“ не е само место за забава; служи и за добротворна цел. На 7 септември, центарот беше домаќин на уникатен настан – забава со тематика од 2000-тите, каде што младите од Кропивницки се собраа да донираат училишен материјал за доброто на внатрешно раселените деца.
„Бидејќи дојде септември и децата се вратија на училиште, ние треба да ги поддржиме оние ученици кои можеби нема да можат да ги купат своите материјали“, објаснува Мелник. Тој додава дека собраниот училишен материјал за време на кампањата ќе биде доволен за поддршка на најмалку 20 ученици.
Уште покорисни решенија!
Ова е само почеток, велат од младинскиот центар. И покрај крајот на топлото време, „семејството бубички“ сè уште има многу планови и идеи за „Запирка под сонцето“.
„Зимата сè уште не пристигнува, а есента е сè уште прилично топла, па дефинитивно ќе продолжиме да работиме овде уште еден месец“, уверен е Мелник. После тоа, ќе зачуваме сè за неколку месеци, за следната сезона да можеме повторно да отвориме и да им донесеме радост на жителите на Кропивницки“.
Првиот човек на младинскиот центар нагласува дека „Запирка“ е отворена за секакви предлози од младите. Што се однесува до тоа какви трансформации ќе донесе сезоната 2025, тоа останува да видиме. Сепак, се планира да се заврши изградбата на сцената, да се постават големи дрвени игри и да се организира фестивал на графити каде младите ќе можат да ги бојадисаат ѕидовите околу летното кино како што сакаат.
„Нашата мисија е да го поддржиме целосниот развој на младите бидејќи иднината им припаѓа ним. Ние активно градиме, обновуваме и учествуваме во сите проекти што ќе ја направат Украина подобро место“, вели Мелник .
За 11-одделенката Ала Блашченко , администратор на „Запирка“, младинскиот центар има посебно значење.
„Тоа ми е многу важно затоа што, пред се, и јас сум млада, а тоа го правам за себе“, признава таа. „Ги разбирам потребите на младите луѓе – комуникација, активност и желба да бидат ефективни и корисни. Младинскиот центар ги задоволува овие потреби. Членувањето е бесплатно, просторот е опремен со ресурси и има настани што ги интересираат младите луѓе. Лично, сакам да продолжам да одам и понатаму, особено после училиште, да го продолжам моето образование по педагогија за да можам да го поврзам мојот живот со „Запирка“ и дополнително да го развивам нашиот младински центар!“
Овој текст е преземен од украинскиот медиум Рубрика
Фотографии од Рубрика
Powered by TechSoup Network’s Digital Activism Program