Две анализи од акредитирана лабораторија за хемиско-физичкиот состав на излезната вода од Фабриката за вода и една анализа од акредитирана лабораторија за присуство на бактерии покажаа дека водата за пиење во градскиот водовод во Струмица е исправна. Се чека уште Агенцијата за храна и ветеринарство (АХВ) да издаде решение дека водата е исправна за пиење. Ова го соопшти градоначалникот на Стрица, Костадин Костадинов и раководството на „Комуналец“, кои во филтер станицата одржаа прес конференција, а со тоа што се напија вода од водоводот, покажаа дека е исправна за пиење.
-Останува дополнително да се почека анализата од Институтот за јавно здравје и во однос на хемиско-физичкиот состав и во однос на микробилогијата за да може инпекторот од АХВ да донесе решение за конечно да може водата да се употребува за пиење, рече Костадинов.
Поради зголемено присуство на манган, водата во водоводот не беше за употреба. За овие три недели, колку што траеше проблемот, Костадинов рече дека поминале низ институционална, политичка и експертска голгота. Како срамни ги нарече обидите да се собираат донации од вода, а како што најави, пратениците на СДСМ ќе поднесат интерпелација за министерот за земјоделство, шумарство и водостопанство, Цветан Трипуновски, бидејќи не се појавил во Струмица.
-Сакам да потенцирам дека немаше никаква потреба да собираме донации за вода, бидејќи обезбедуваме вода за пиење. Особено срамно и жално и неблагодарно беше од страна на една компанија од Кавадарци да се донира вода за пиење директно на политичка партија. Доколку не сакале да соработуваат со Струмица тоа можеле да го сторат преку Црвениот крст, преку Центарот за управување со кризи кадешто има јасен и точен протокол за делење на питка вода.Ние како Струмица и струмичани добивме прес – конференција, безобразна и срамна од страна на министерот за земјоделство, шумарство и водостопанство каде неаргументирано, без ниту една бројка, излезе да се расфрла со обвинувања. До денеска истиот тој министер, ако може така да го наречеме, не се појави и не собра храброст да излезе пред Струмица и струмичани да каже кои се бројките и какви се анализите од Институтот за јавно здравје, кој во моментот е под палката на централната власт и да каже што е причината за појавата на манган“, рече Костадинов.
Според градоначалникот, тоа е доволна причина за да се побара интерпелација за Трипуновски.
фото:МИА