Се одржа првото издание на гламурозната церемонија на доделување на престижните награди „Бизнис Лидер“. Врз основа на строго определени критериуми, вчеравечер, беа наградени лидерите на најуспешните македонски компании за 2023 година од повеќе индустриски гранки кои покажаа исклучителни достигнувања во секојдневното деловно работење и придонесоа за економскиот раст и развој на Македонија.
Престижната церемонија на доделување награди ја отвори основачот на проектот „Бизнис Лидер“ и извршен директор на Евентика ДОО Скопје, Владимир Ристевски, кој поздравувајќи ги гостите, истакна дека реализацијата на овој настан е само почеток на проектот кој ќе помогне во развојот и зајакнувањето на македонската деловна клима. „Оваа вечер не е само кулминација на нашата работа во последните година дена, туку е првиот чекор кон почнување на еден проект кој ќе ги обедини бизнисите во Македонија, кој ќе почне партнерски да делува со сите чинители кои се борат за подобра иднина на македонската деловна заедница.“, изјави Владимир Ристевски, организатор на настанот.
На церемонијата се обрати и Огнен Огненоски, извршен директор на компанијата Таргет Груп ДОО Скопје и основач на платформата „Бизнис Мрежа“, кои како аналитички партнери на проектот „Бизнис Лидер“ ги подготвија сите анализи и критериуми врз основа на кои ќе бидат наградени најуспешните компании во земјава. „Денес, со гордост ги објавуваме резултатите од нашите анализи. Изборот на најуспешните бизнис лидери од Македонија не беше лесен, но имаше една заедничка нишка — страст, посветеност и желба за напредок. Вашата работа не само што ја подобрува економијата, туку и ја инспирира новата генерација да сонува за големи работи.“ , истакна Огнен Огненоски, извршен директор на компанијата Таргет Груп ДОО Скопје.
Во оваа прилика до присутните гости се обрати и Билал Суџубаши, главен извршен директор на Халкбанк АД Скопје, главен партнер на проектот Бизнис Лидер, кој во своето обраќање истакна дека Халкбанк е сериозен, стабилен и лојален партнер на стопанството и поддржувач и двигател на бизнис секторот во Македонија. „Фактот дека соработуваме со многу од 100-те компании што вечерва ќе бидат наградени е уште еден доказ за нашата посветеност да поддржуваме успешни бизнис приказни. Тие компании не се само лидери на пазарот, тие се визионери кои го водат патот напред и ние сме горди што сме дел од нивниот успех.“, изјави Билал Суџубаши, главен извршен директор на Халкбанк АД Скопје.
Овогодинешните добитници на наградата „Бизнис Лидер“ се: Алкалоид АД Скопје во категоријата „Производство на фармацевтски производи и препарати“, Д-р Пановски АД Скопје и Зегин ДОО Скопје во категоријата „Трговија на големо со фармацевтски производи“, Зегин Фарм и Моја аптека во категоријата „Аптеки“, Млекара АД Битола во категоријата „Производство на млечни производи“, Пивара АД Скопје во категоријата „Производство на пијалаци“, Кам маркет и Веропулос во категоријата „Маркети“, Порше Македонија во категоријата „Трговија на големо со моторни возила“, Макпетрол во категоријата „Трговија на мало со моторни горива и мазива во специјализирани продавници“, Фершпед АД Скопје во категоријата „Придружни дејности во превозот“, Дени интернационал во категоријата „Товарен патен транспорт“, Филип Морис Тутунски Комбинат Прилеп и Експанда во категоријата „Трговија на големо со производи од тутун“, Макстил во категоријата „Производство на метали“, Аксапта Мастерс во категоријата „Компјутерско програмирање“, Атлантиц Гранд и Фриготерм Трејд во категоријата „Трговија на големо со кафе, чај и зачини“, Алма-М иАтлантик Трејд во категоријата „Трговија на големо со шеќер, чоколада и слатки од шеќер“, ДХЛ експрес Македонија и Еко Логистик во категоријата „Поштенски и курирски услуги“, Комфи ангел и Адиент сеатинг во категоријата „Производство на текстил“.
Награди „Бизнис лидер“ добија и најбрзо растечките компании Мој Дилер и Леаком Марисон во категоријата „Компании – газели“, стартапите Бокси и Ховитцер во категоријата „Стартап на годината“ и компанијата која се истакнува со иновација во областа на финансирање на потрошувачка – финансиски инвеститор ЕОС МАТРИКС. Добитник на наградата „Бизнис лидер – жена“ е г-ѓата Марија Дуковска Павловска – генерален директор на компанијата Макстил АД Скопје.
Елитата на македонската бизнис заедница имаше ексклузивна можност да го проследи инспиративниот говор на најпродаваниот автор на бизнис книги и главен извршен директор на IBEM Group, светски познатиот Geoff Hudson Searle, кој во своето излагање ги сподели своите искуства во менаџирање на меѓународни бизниси од различни индустрии, перспективи за подобрување на бизнисот и постигнување подобри резултати.
Церемонијата на доделување на престижните награди „Бизнис Лидер“ беше затворена со двочасовното спектакуларно кабаре шоу кое ги воодушеви присутните со неверојатните динамични перформанси на врвните танчери од Белград.