„Проблемот со невработеноста и недостатокот на работна сила во Република Северна Македонија е доста комплексен и е условен од повеќе фактори. И покрај тоа што во Агенцијата за вработување во месец август 2024 година, евидентирани се 99.142 активни баратели на работа, работодавачите сè почесто изразуваат загриженост поради тешкотиите во наоѓање квалификувани работници. Една од причините поради која работодавачите се соочуваат со потешкотии при пополнување на слободните работни места е недостатокот на работници со соодветно образование и соодветни квалификации“, кажа директорот на Агенцијата за вработување на Северна Македонија, Сељатин Бељули на првата трибина од Платформата 100% за тебе.
Според директорот, 61% (60194) од евидентираните баратели на работа се без образование или со завршено основно образование. Тие во најголемиот број не поседуваат никакви знаења и вештини за извршување на конкретни работни задачи, односно тоа се лица без никакво занимање. Тоа ги прави овие лица тешко вработливи, а долгорочното отсуство од пазарот на трудот, дополнително го отежнува нивното вклучување на истиот.
„Од друга страна, голем број од овие невработени лица се корисници на социјална парична помош, бидејќи Законот за социјална заштита ги обврзува да се пријавуваат во Агенцијата за вработување како активни баратели на работа“, потенцираше Бељули и кажа дека тоа значи дека тие имаат некаков приход по основ на парична помош во семејството, со кој покриваат основни животни трошоци, а сето ова ја намалува нивната мотивација да се вклучат во некои обуки за подигање на нивните знаења и вештини кои ќе им овозможат побрза интеграција на пазарот на трудот. „Токму тука е и предизвикот на Агенцијата за вработување и другите надлежни институции за да креираме и преземеме мерки за нивна активација и интеграција на пазарот на трудот, со што ќе се намали нивната пасивност и зависност од социјална парична помош“, кажа директорот на Агенцијата за вработување.
Директорот потенцираше дека исто така работодавачите се соочуваат и со други потешкотии при пополнување на работните места, како што се:
-недостаток од поседување на практични знаења и вештини за извршување на работните задачи во конкретното занимање,
-недостаток од основни или напредни компјутерски вештини,
-непознавање на странски јазици (за работни места каде овие знаења се неопходни) и сл.
„Меѓутоа, би сакал и да напоменам дека многу често и понудената плата од страна на работодавачите е причина за слабиот интерес за пополнување на работните места. Работодавачите најчесто бараат работници кои, покрај дипломата за завршено образование, треба да поседуваат и низа сертификати за стекнати знаења и вештини надвор од процесот на формалното образование. Но, наспроти тоа, недоволно ги вреднуваат нивните знаења и понудената плата за потенцијалните кандидати за вработување не е соодветна. Тоа се главно причините поради кои се јавува јазот помеѓу понудата и побарувачката на работната сила, па оттука е и клучната улога на Агенцијата за вработување и нејзините активности се насочени кон поуспешно поврзување на понудата и побарувачката на работна сила“, кажа Бељули и потенцираше дека во изминатите 100 дена откако е именуван за директор на Агенцијата за вработување покренати се повеќе иницијативи за развивање активности за вклучување на ранливите категории на пазарот на трудот, особено младите лица и долгорочно невработените.
„Во насока на намалување на невработеноста, Агенцијата за вработување спроведува голем број активни програми, мерки и услуги за вработување, како дел од годишните оперативни планови. Од година во година се одделуваат се повеќе средства за реализација на активни програми и мерки за вработување и услуги на пазарот на трудот, а со тоа се повеќе граѓани добиваат можност да се вклучат на пазарот на трудот. Со програмите и мерките за вработување се обезбедува:
од една страна, креирање на нови работни места (како што се Програмата за самовработување, Програмата за поддршка за креирање на нови работни места, каде спаѓаат Субвенционирано вработување, Вработување и раст на правни субјекти и Поддршка за вработување на лица со попреченост) и
од друга страна, програми и мерки кои овозможуваат зголемување на вработливоста на невработените лица, преку подигање на нивните знаења и вештини (како што се Програмата за практикантство, и различни видови на обуки, односно обуки за побарувани занимања, Обука за стручни квалификации според барањата на работодавачите, Обука на работно место кај конкретен работодавач, Обуки за напредни ИТ вештини и др.)“ кажа директорот.
Според него, Агенцијата за вработување развива и спроведува и услуги за зголемување на конкурентноста на работната сила и задоволување на потребите на пазарот на трудот. Притоа, се применува индивидуален пристап во работењето ориентиран кон потребите на невработените лица и работодавачите.
„Во овој контекст би ги споменал услугите за вработување за невработените лица, и тоа: Посредување при вработување по барање на работодавач, Помош при барање работа, Организирање инфо средби, Мотивациски обуки, Професионална ориентација и кариерно советување, Советување и мотивација за корисници на гарантирана минимална помош и друго. Во наредниов период ќе бидат анализирани сите ефекти од досегашната имплементација на мерките за вработување и ќе се земат предвид при креирање на новиот ОП за 2025 година. Нашата цел не е само да се пресликаат досегашните мерки, наша цел е да се креираат мерки кои ќе дадат ефекти и одржливост на работните места, да се избалансира понудата и побарувачката на работната сила, земајќи ги предвид дигитализацијата и праведната транзиција кон зелена економија. Притоа, посебен фокус ќе биде вклучувањето на младите лица, со цел да спречиме одлив на младата работна сила во странство и да се создадеме услови нашите студенти кои студираат во странство практично да го спроведат своето знаење во државава“, кажа Бељули.
Директорот потенцираше дека сите овие активности ќе бидат координирани во тесна соработка меѓу надлежните министерства од областа на пазарот на трудот и образовниот сектор.