Бебето кое вчера почина на Детската клиника во Скопје претходно било одбиено за сместување на клиниката, потврди министерот за здравство Таравари. Тој вели дека детално е запознаен со случајот. Но, причината зошто девојчето не било хоспитализирано на клиниката и сите подетални информации околу случајот ги очекува од комисијата која утре ќе ги истражува двете клиники каде бебето беше лекувано. Според министерот кој и да е виновен за случајот мора да сноси одговорност, информира Телма.
„Вратено било за жал. Дали поради лекарска грешка или незнаење треба да се констатира. Дефинитивно треба да има одговорност. Меѓутоа не очекувајте од мене уште од денес да судам како било. Дозволете соодветните органи во државата да испитаат се во детали. На крајот некој мора да сноси одговорност кога има вакви трагични случаи во здравствениот систем“, изјави Арбен Таравари, министер за здравство.
Министерот Таравари вели дека наследиле здравствен систем каде се случуваат вакви работи и не можат преку ноќ да го средат тоа. Но тврди дека сите кои биле на смена кога бебето починало се стручни лица.
14-месечно бебе вчера почина на Клиниката за детски болести откако неколку пати било одбиено за хоспитализирање, тврди семејството на бебето. Кога се влошило неговото здравје родителите го однеле на Клиниката за респираторни заболувања Козле, а оттаму го препратиле на Клиниката за детски болести каде набрзо починало. Роднините на бебето се гневни, сметаат дека тоа починало бидејќи било препраќано од една во друга клиника и не било навремено хоспитализирано. Семејството се изјасни дека по обдукцијата на телото ќе бараат одговорност од сите вмешани.