Управата на луксузната лондонска стоковна куќа „Harrods“ се извини за обвинувањата дека нејзиниот поранешен сопственик, египетскиот милијардер бизнисмен Мохамед Ал Фаед, силувал и сексуално нападнал неколку поранешни вработени.
Документарецот и подкастот на BBC слушнаа сведоштва на повеќе од 20 поранешни работници кои рекоа дека биле сексуално злоупотребувани од Ал Фајед, кој почина минатата година на 94-годишна возраст, а инцидентите се случиле во Лондон, Париз, Сент Тропе и Абу Даби.
Една од жените кои го обвинија Ал Фајед дека ја силувал кога била тинејџерка го опиша како „чудовиште“ и „личност што сее страв“.
Според документарецот на BBC емитуван во четвртокот, управата на „Harrods“ не интервенирала, туку помогнала да се прикријат наводите за злоупотреба додека Ал Фаед ја поседувал стоковната куќа во периодот од 1985 до 2010 година.
Сите жени со кои разговараше BBC рекоа дека се чувствувале заплашени на работното место.
„Апсолутно сме згрозени од наводите за злоупотреба извршени од Мохамед Ал Фаед. Тоа се постапки на поединец со намера да ја злоупотреби сопствената моќ“, се вели во соопштението на „Harrods“
„Исто така, признаваме дека ги изневеривме неговите жртви во тој период и за тоа искрено се извинуваме“, се вели во соопштението во кое се додава и дека стоковната куќа денес е „сосема поинаква организација“ од онаа во сопственост на Ал Фаед.
Неколку медиумски организации разоткриваа и пишуваа за наводите за сексуална злоупотреба против Ал Фаед во минатото, вклучувајќи ги Vanity Fair во 1995 година, ITV во 1997 година и Channel 4 во 2017 година. Многу од жените можеле да зборуваат јавно дури по неговата смрт минатата година, се додава во прилогот.
„Откако се појавија нови информации во 2023 година за претходните наводи за сексуална злоупотреба од страна на Ал Фајед, наш приоритет беше да ги решиме обвинувањата што е можно побрзо за да избегнеме долги правни постапки за жените“ кои ги изнесоа, велат од „Harrods“.
Во 2009 година, обвинителите одлучија да не го обвинат Ал Фаед за наводите дека сексуално нападнал 15-годишно девојче во неговата стоковна куќа, наведувајќи дека „нема реални изгледи за осуда“. Тој доброволно дошол на разговор во полиција и ги отфрлил обвинувањата.
Мохамед Ал Фаед е роден во египетскиот град Александрија, а кариерата ја започнал продавајќи газирани пијалоци. Потоа работел како продавач на машини за шиење. Семејното богатство го изградил на недвижен имот, бродарство и градежништво, прво на Блискиот исток, а потоа и во Европа.
Десет години се обидуваше да докаже дека принцезата Дијана и неговиот син Доди се всушност убиени од тајна служба кога нивниот автомобил удрил во ѕидот на парискиот тунел во 1997 година додека се обидувале да им побегнат на папараците кои ги бркале со мотори, но неговите тврдења, покажа истрагата, не беа поткрепени со никакви докази.