Во првата половина од годинава Албанија од туризмот остварила рекорден приход од 1,9 милијарди евра, што е за 25 отсто повеќе споредено со истиот период минатата година.
Според податоците на Централна банка на Албанија, само во периодот април-јуни приходите изнесуваат околу 1,1 милијарда евра, додека во првите три месеци оваа бројка изнесува 788 милиони евра.
Според ИНСТАТ, пак, во првите 6 месеци од годинава во земјата престојувале 4,5 милиони странски државјани, со зголемување од 34 отсто во однос на истиот период лани.
-Официјалната статистика на Централна банка ја потврдува се по значајната улога на туризмот во албанската економија. Приходите од туризмот покриваат повеќе од 40% од трговскиот дефицит на стоки на албанската економија. Голем придонес за подобрување на албанската економија има и туризмот, со најмал дефицит на тековната сметка, објави АТА.
Исто така, осврнувајќи се на бројките, со години билансот на патувања во земјава е позитивен, при што странците внесуваат повеќе валута отколку што изнесуваат албанските граѓани надвор. Тие во првата половина од годинава за патување надвор од Албанија потрошиле околу 700 милиони евра.
Приходите од туризмот оправдано се очекува да бидат повисоки ако се има во предвид дека главната туристичка сезона е во месеците јули и август.
Само во јули во Албанија престојувале над 2,6 милиони туристи. Минатата година престојуваа над 10,5 милиони.