Оваа година Македонија ќе учествува во престижниот избор за Мис на универзумот „Miss Universe“, со гала вечерта на која ќе се избере македонскиот претставник за глобалното натпреварување. Настанот ќе се одржи на 8 октомври во салата на Македонската опера и балет, а победничката ќе ја претставува нашата земја на глобалното дефиле кое ќе се одржи на 16 ноември во Мексико Сити, Мексико.
Право на учество на изборот за Miss Universe имаат сите државјанки на Северна Македонија кои живеат во државата и кои наполниле 18 години до 1 јануари во годината. Пријавувањата се веќе достапни на официјалниот веб сајт www.missnorthmacedonia.com.
Националниот директор за изборот во Македонија, познатиот естраден новинар и инфлуенсер Зоран Василевски – Фаци, во изјава ја истакна важноста на овој настан за нашата земја:
„Горди сме што Македонија повторно е дел од ова глобално натпреварување. Мис на универзумот не е само избор за убавина, туку и платформа која нуди можност за младите девојки да се претстават пред светот и да покажат дека доаѓаат од земја полна со талент, култура и потенцијал. Се радувам што повторно им овозможуваме на нашите млади девојки да учествуваат на ваков престижен избор.“
Според информациите на организаторот, досега се пријавиле повеќе од 100 девојки, што го потврдува големиот интерес на многу талентирани девојки кои ќе се борат за шансата да ја претставуваат Македонија на меѓународната сцена.