Данела Арсовска и град Скопје ја остваруваат најавата дека ќе го вратат споменикот на Андон Лазов Јанев – Ќосето, контроверзен револуционер, што претходно, во 2018 година беше тргнат од пред Комплекс судови.
Деневиве минувачите и возачите во населбата Автокоманда, на кружниот тек кај „Ист Гејт“ можат да забележат поставена табла на која пишува дека таму ќе биде поставен споменикот на Андон Лазов Ќосето. Инвеститор е Град Скопје, а изведувач е ЈП „Улици и патишта“.
Споменикот на Ќосето беше отстранет од администрацијата на поранешниот скопски градоначалник Петре Шилегов. Сега, спомен – обележјето го враќа Арсовска, под образложение дека бил борец за правда.
Контроверзни податоци има во историските читанки за Ќосето, познат под псевдонимот Касапот и неговите ликвидации. Имал улога на терорист во Македонската револуционерна организација, а подоцна станал и војвода. Андон Лазов- Ќосето бил и телохранител на д-р Христо Татарчев, првиот претседател на Организацијата и бил дел од аферата „Мис Стон“.