Доброволното противпожарно друштво – Кочани го прошири возниот парк со уште едно возило, специјализирано за гасење шумски пожари. Се работи за камион што пристигна доцна синоќа од Белгија, а го донираше општествено одговорната компанија „Антура” од Кочани.
Вредноста на возилото е 25 илјади евра, а во неговиот транспорт помогна и Локалната самоуправа на Кочани.
– По поминати повеќе од пет илјади километри, низ шест држави, стигнавме со ново противпожарно возило. Станува збор за специјализирано возило за гасење шумски пожари, теренец со погон на сите четири тркала, со носивост од четири илјади литри вода и екипаж од четири пожарникари. Сето ова немаше да биде реалност без компанијата „Антура” и нејзиниот менаџерски тим. Благодарност и до Општина Кочани која ни отстапи едно од службените возила со кое заминавме на пат за Белгија, истакна Златко Илијев, претседател на ДПД – Кочани.
Во моментот ДПД – Кочани располага со пет возила.
– Комбе, навален камион, камион цистерна, АТВ четирициклот и сега возилото специјализирано за шумски пожари. Друштвото во моментот работи на реализација на неколку проекти, а приоритет е доопремувањето на АТВ возилото со резервоар и пумпа за вода, а ќе треба да се направат ситни прилагодувања и на новиот камион, бидејќи е направен за белгиски стандарди, додаде Илијев.
Од холандската компанија „Антура” истакнаа дека возилото од марката „ман“ е донација по повод успешниот 10-годишен јубилеј.
– Среќни сме што овој настан се поклопува со одбележувањето на десетгодишнината од работењето на нашата компанија во Кочани. Се надеваме дека дадовме голем придонес на ДПД – Кочани, за да можат полесно да се справуваат со елементарните непогоди на кои што и самите сме сведоци во овој период. Им посакуваме да имааат што помалку работа, рече Христина Јорданова од „Антура”.
Од Доброволното противпожарно друштво – Кочани најавија дека на 14. септември ќе го прослават третиот роденден, при што ќе организираат меѓународен натпревар со противпожарни игри.