Исмет Гури, екс заменик директор на Управата за јавни приходи(УЈП), за кого беше распишана меѓународна потерница, денеска сам се пријавил во полиција и веќе е во затвор.
Гури беше во куќен притвор поради примање на редовна терапија за здравствените проблеми кои ги имал, но во почетокот на годинава избега, по што беше распишана меѓународна потерница по него. Тој минатата година беше уапсен заедно со 15 лица меѓу кои и бизнисмени и инспектори од УЈП, под сомневање за злосторничко здружување, даночна измама, перење пари и кражба на 840 илјади евра од дирекцијата каде што работел.
Гури избега од куќниот притвор откако обвинителството по жалба побарало куќниот притвор да му се преиначи во ефективен притвор во Шутка.
Против Гури, заедно со Ејуп Алими, се водеше и случајот „Титаник 3“ за уништување изборен материјал во Чаир за време на локалните избори 2013 годината, во кој судот по повтореното судење минатата година им изрече неправосилни затворски казни од по три години и шест месеци.