Претседателот на СДСМ Венко Филипче ќе учествува на тринаесетата Корчуланска школа, посветена на политичката, економската, социјалната и културната ситуација во регионот, предизвиците и одговорите во поширокиот контекст на социјалдемократската и прогресивната политика, која ќе се одржи на 30 и на 31 август 2024 година во Хрватска.
Како што соопштија од СДМ, Филипче, ќе има свое обраќање пред повеќе од седумдесет учесници, политичари од високо ниво од прогресивните и социјалдемократските партии во регионот на Југоисточна Европа и нивните колеги од големото социјалдемократско семејство.
Во рамките на Корчуланската школа, Филипче, ќе оствари повеќе билатерални средби, меѓу кои и со поранешната министерка за надворешни работи на Шведска, Ан Линде, со Бјорн фон Сидоф, раководителот на програми на меѓународниот центар Олоф Палме, Лин Лукшандл, претсавниците на родовата мрежа на Централна и Источна Европа и други.
Во рамките на годишната Корчуланска школа ќе се одбележат триесет години од постоењето на Мрежата за родови прашања на Централна и Источна Европа, нејзините предизвици, достигнувања, активности и стратегии.
На тема „Трансофрмирање на политиката преку родова перспектива“, се посочува, ќе има сесии и за „назадувањето“ и ударите врз концептот на родовата рамноправност, кои ги турка политичката десница.
Корчуланската Школа е реномирана регионална тинк-тенк организација од Југоисточна Европа.
Тинк-тенкот Корчула 2024 е организиран во соработка со Меѓународниот центар Олоф Палме Шведска, Европскиот форум за демократија и солидарност (ЕФДС) и Фондацијата Фридрих Еберт, посочуваат од Центарот за комуникации со јавноста на СДСМ.