Музеј во јужниот француски град Марсеј ги повика посетителите да го откријат европскиот однос кон натуристичкиот начин на живот поминувајќи голи низ неговите изложбени сали.
Изложбата во Музејот на европските и медитеранските цивилизации (Mucem), е создадена во соработка со Центарот Помпиду и парискиот Лувр и Швајцарската национална библиотека во Берн, а отворена е до 9 декември.
Еднаш месечно, посетителите на изложбата можат да ја истражуваат историјата на натуризмот во Европа само облечени во чевли и без облека. Шефот на француската натуристичка организација FFN, Ерик Стефанут во изјава за француската новинска агенција АФП посочи дека посетителите треба да носат чевли како мерка на претпазливост за да „избегнат плускавци“.
„Не се случува секој ден да шетате голи во музеј“, изјавила Џули Гењоле (38), која одлучила да го прослави роденденот во Муцем на изложбата „Naturist Paradise“.
Таа и нејзиниот сопруг Матие беа меѓу 80-те посетители кои прошетаа во натуристички стил низ околу 600 фотографии, слики, скулптури и други експонати.
Некои посетители доживеале поголем културен шок од другите, а еден пар од југозападна Англија бил изненаден од слободниот однос кон изложената голотија. Кирен Паркер-Хол и Ксандер Пари за АФП изјавија дека уживале во фантастичните фотографии, вклучувајќи го голиот црно-бел портрет на Кристијан Лекок – пионер на францускиот натуризам кој почина на 103-годишна возраст.
Откривањето на историјата на натуризмот додека се голи, беше „прилика еднаш во животот“ за двајцата Британци, особено бидејќи тие рекоа дека оваа практика не е широко прифатена во нивната татковина.
Натуристичкото движење се појави во Швајцарија и Германија во 19 век, изјави за АФП Бруно Саурез, шеф на локалното здружение на натуристи.
Извор: 24sata.hr