Новата влада предводена од ВМРО ДПМНЕ засега нема да го зголеми износот за Студентскиот оброк, кој сега изнесува 140 денари, но се размислува за покачување. Вака одговори министерката за образование Весна Јаневска на прашањето за реакциите на студентските организации, кои бараат остварување на ветувањата за повисок износ и подобар студентски стандард. Јаневска на ова порача дека „студентите не треба да имаат дилемата дека МОН ќе биде нивен партнер и најголем поддржувач.
-Размислуваме за покачување на студентскиот оброк“, одговори Јаневска на новинарско прашање.
Кога беше дополнително прашана за колку би се зголемил износот на оброкот, министерката рече:
-Не можам со сигурност да ви кажам за колку би се зголемил, и тоа зависи од буџетските средства кои ќе ни бидат на располагање. Но, се надеваме дека ќе го изреализраме за студентите да бидат задоволни“, дообјасни Јаневска.
Министерката најави дека од следната година со новиот буџет ќе може да се планираат средства за бесплатен ученички и студентски превоз, но долгот од 8 милиони евра на Град Скопје, МОН нема да го плати. Тоа значи дека ако Градот реши да го прекине проектот, тоа ќе може да го направи.
Но, министерката Јаневска има аргументи зошто не може да се плати долгот за досегашниот превоз на учениците и студентите – до сега, услугата се правела без никаков потпишан документ. Како што рече министерката, нема ниту договор, ниту меморандум за соработка, односно никаква правна основа за префрлање на парите. Затоа, најдобро е Судот да реши, кажа министерката.
– И да сакам не можам, а јас сакам студентите да имаат слободен превоз и за следната година. Ние планираме средства за слободен превоз на студентите. Но, тоа мора да се реши на поинаков начин. Како ќе одлучи Судот, така ќе постапуваме“, рече Јаневска.
Пари за покачување на платата на наставниците нема. Јаневска побара од наставниците да имаат верба во Владата, и како што изјави, „да бидат сигурни дека нема да бидат заборавени и дека ќе бидат приоритет“.
-Јас ги молам наставниците, она како што јас ги доживувам во овој момент, да постапуваат со онаа пасија кога се запишале на факултетот кога ја посакале таа професија да ја истераме оваа година со таа нивна волја и желба да придонесат за знаењето на учениците, да придонесат за напредок на државата, а она што им следува, бидејќи и мене и на премиерот ни е добро познато тие секако ќе си го добијат во оној момент кога државата ќе може тоа да го направи, а јас еве како министер грчевито ќе се борам и ќе се борам и на Влада и со нив со преговори и се тоа да биде што е можно повеќе“ рече министерката Јаневска во Штип.